Достапни линкови

logo-print

Краток скок на цената на нафтата


Договорот меѓу Русија и Саудиска Арабија заеднички да работат на враќање на стабилноста на светскиот пазар за нафта, накусо ги покачи цените на суровата нафта на светските берзи, но подоцна се вратија на старото. Цената на суровата нафта во Азија денеска порасна за 5 проценти на 49,4 долари за барел, откако вчера двете енергетски сили соопштија дека постигнале договор за време на Самитот на Г20 во Кина. Цените подоцна се вратија на претходното ниво, откако Саудиска Арабија ја отфрли можноста за намалување на производството.

Саудиска Арабија и Русија вчера, на маргините на Самитот Г20, се согласија да формираат работна група која треба да ги преиспита основите на пазарот на нафта и да препорача мерки и активности кои ќе обезбедат стабилност на пазарот. Саудискиот министер за енергија Халид Ал-Фалих и неговиот руски колега Александар Новак рекоа дека се согласиле „да работат заедно“ во, како што рече Новак, новата ера на соработка меѓу Русија и ОПЕК, која е предводена од Саудиска Арабија. Сепак, не беа соопштени детали за некаков договор за замрзнување на производството на сегашните ниво, а подоцна Новак за телевизијата Ал Арабија рече дека тоа нема да биде потребно во овој момент.

Русија треба да се сретне со членките на ОПЕК овој месец во Алжир. Членките на Организацијата на земји производители на нафта, Кувајт, Нигерија и Обединетите Арапски Емирати, го поздравија договорот меѓу Русија и Саудиска Арабија. Иран денеска соопшти дека ја поддржува „секоја одлука“ за стабилизирање на светските пазари на нафта и дека посакувана цена за повеќето членки на ОПЕК е меѓу 50 и 60 долари за барел.

XS
SM
MD
LG