Достапни линкови

logo-print

Големите партии далеку од предизборна меѓуетничка коалиција


Илустрација

Илустрација

Во мултиетничко општество неопходно е политичките партии да го напуштат моноетничкиот терен, но се чини дека Македонија сè уште е далеку од тоа.

По актуелизирањето на прашањето, како и пред секои избори, колку е можна предизборна коалиција меѓу македонските и албанските политички партии, дел од експертите велат дека тоа е неопходно за едно хетерогено општество на етнички план, а други укажуваат дека сега не е вистинско време. Како што наведува Тито Петковски од НСДП, луѓето треба да сфатат дека за да се изгради цивилно општество, неопходно е политичките партии да го напуштат едноетничкиот терен. Според него, националистите сè уште играат на картата на меѓуетнички судири за да освојат поени, но тој процес мора да почне.

„Силно ја поддржуваме идејата да се направи еден блок од политички партии коишто споделуваат вредности како демократија, слобода, човекови права итн, да настапуваат заеднички на избори. Јас се надевам дека на овој план може да се направи нешто на овие избори“, вели тој.

Петковски исто така посочи дека проблем е што отсуствува политичка култура и оти медиумите кои го креираат јавното мислење треба да имаат позитивен однос кон потребата од изградба на цивилно општество и да почнат да создаваат атмосфера на напуштање на едно-етничките партии.

За разлика од Петковски кој има искуство и како поранешен претседател на Собранието, политичкиот аналитичар Владимир Божиновски изјави дека на овие избори нема да се случат предизборни коалиции. Според него, треба да се направат коалиции меѓу двете најголеми партии од македонскиот и од албанскиот блок, но укажува дека засега јавноста не е сведок на такво нешто. Тој вели дека од коалицирање со некоја мала партија не може да се очекува корист.

„Затоа што тука веќе станува збор за едно посериозно групирање на гласови. Доколку се направи со некоја маргинална партија, тоа повеќе ќе донесе штета на таа партија отколку корист“, вели тој.

Аналитичарот Исмет Рамадини со став дека по политичката криза која траеше долго време во Македонија, би било добро да има предизборна коалиција на македонски и албански партии и оти има такви навестувања.

„Во една ваква ситуација мислам дека би се зголемиле шансите на опозицијата да победи на овие избори и конечно влегуваме во нова фаза на политичко расположение во Македонија во тоа што значи односи меѓу Македонците и Албанците“, вели тој.

По изборите, победничката партија кај Македонците коалицира со албански партии. Според Рамадани, тоа значи дека сега има амбиент за предизборна коалиција. Божиновски мисли дека периодот до изборите на 11 декември е кус за такви разговори меѓу големите партии. Досега еден од поголемите проблеми за создавање македонско-албански предизборни коалиции беше тоа што партиите своите кампањи ги базираа врз етнички прашања.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG