Достапни линкови

Слаби гаранции за фер избори


И покрај тоа што се спроведоа потребните предуслови договорени во Пржино, домашните аналитичари не сe оптимисти дека за само три месеци ќе се променат состојбите во државата.

Домашната јавност нема големи очекувања дека во следните 100 дена значително ќе се промени политичката клима во земјата во насока на обезбедување на фер и демократски услови за спроведување на изборите. И покрај тоа што се спроведоа потребните предуслови договорени во Пржино, професор Никола Дујоски не e оптимист дека за само три месеци ќе се променат состојбите во државата.

„Три месеци е премногу краток период за да може да се промени што било, затоа што кај нас состојбите се на граница на очај. Нам ни е потребно многу повеќе, веројатно и целиот мандат на следната влада ќе се потроши за да се подобрат состојбите. Во наредните три месеци само треба да не се влошува состојбата. Дека нешто посебно може да се промени, не очекувам“, вели Дујовски.

Промени не можат да донесат ниту привремените тела кои за таа цел беа формирани, смета Дујовски, бидејќи истите имаат ограничен мандат.

„Ад-хок телата и сите други тела па дури и ДИК не можат да придонесат многу во подобрување на состојбите бидејќи имаат ограничен мандат и се премногу слаби, односно немаат некоја извршна власт. Меѓутоа сите нивни активности треба да водат кон тоа да има барем делумно прифатливи фер и демократски избори на 11 декември, а потоа е прашањето на промена во општеството“, изјави Дујовски.

Иако условите за организирање на фер и демократски избори се формално исполнети и аналитичарот Алајдин Демири не верува дека во следните 100 дена ќе се подобри општата политичка состојба во земјава. Ниту старо-новите министри на опозицијата, ниту пак членовите на ад-хок телата имаат доволно моќ и надлежности да носат крупни одлуки, вели Демири.

„Реално нивната функција е многу ограничена. Во суштина сега ќе го видиме она што веќе го видовме. Министрите од СДСМ не се вистински министри, имаат ограничени надлежности, па и контрола, односно сопнувања од помошниците министри итн. Другите тела кои се формирани се формално коректни, но суштината е дека оваа влада се обидува да ги кочи сите процеси“, изјави Демири.

Тој не е оптимист дека на крајот ќе се случат фер и коректни избори. Уверен е дека и прочистувањето на избирачкиот список од страна на Државната изборна комисија не било направено на вистинскиот начин.

„Сето ова укажува дека овие промени се само формалност. Реално, власта е таа која ја контролира состојбата и ќе организира такви избори какви што таа сака“, вели Демири.

Според експертите, проблем може да биде и партизираноста на институциите и опструкциите врз работата на СЈО, што пак го прави неефикасен правниот систем во државата. А токму нефункционирањето на правниот систем не влева надеж дека изборите ќе бидат фер и демократски, заклучуваат домашните аналитичари.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG