Достапни линкови

Милосрдните сестри горди на светицата Мајка Тереза


Милосрдните мисионерки од редот што го основа Мајка Тереза гордо го проследија нејзиното прогласување за светица од страна на поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциско. Таа во 1950 година го формира овој ред во Калкута со само 12 калуѓерки за да им помагаат на сиромашните и гладните.

Сега, во редот на Мајка Тереза има четири ипол илјади калуѓерки во 133 земји, а главната активност на овие сестри и натаму останува 15-милионската Калкута.

Добитничката на Нобеловата нагрда за мир, Мајка Тереза, беше една од највлијателните жени во над двеилјади годишната историја на христијанството.

„Ние сме многу среќни. Ние сме благословени со оваа канонизација, затоа што знаеме дека нашата мајка е на небото и таа ќе се моли за нас и ќе нè благослови. И нејзиниот благослов ќе биде со сите нас, на целиот свет“, вели сестра Лаиса, една од постарите калуѓерки во редот.

Иако критикувана и за време на животот и по нејзината смрт Мајка Тереза е почитувана од католиците како модел на сочувство кој им донесе олеснување на болните и на оние што се пред умирање.

Во Индија каде што мнозинството се хиндуси Мајка Тереза често е критикувана дека се обидувала да ги преобрати сиромашните во христијанската вера. Тоа постојано е негирано од нејзината мисија.

Критичарите исто така велат дека таа малку правела за отстранување на основните причини за сиромаштијата што ги доведувала луѓето во Калкута во безизлезна ситуација.

Но, папата Јован Павле Втори, кој често пати се сретнувал со неа, не се сомневал во нејзините способности па процесот на канонизација го започна две години по нејзината смрт, наместо вообичаените пет.

Римокатоличката црква има над десет илјади светци. Голем број од нив мораа да чекаат со векови за да бидат осветени.

Тоа не е случај со Мајка Тереза која само 19 години по нејзината смрт е прогласена за светица. Таа умре на 5 септември 1997 година од срцев удар.

„Јас сум толку благодарна на Бога и среќна што работевме со неа, и живеевме со неа. Таа беше сè за нас“, вели сестра Аполин која раководи со еден од најголемите домови на Мисионерките на милосрдието во Калкута.

Црквата ги дефинира за светци оние за кои се верува дека биле доволно свети за време на животот за да бидат во рајот и да имаат можност да посредуват со Бога за да прават чуда.

Мајка Тереза се верува дека направила две чуда, односно исцелила болни луѓе.

Папата Јован Павле Втори го призна нејзиното прво чудо, излекување на Индијката Моника Бесра во 1998 година која имала тумор во стомакот.

Пет години подоцна, Папата Франциско го призна второто чудо на Мајка Тереза поврзано со нејзината моќ за исцелување, необјасниво лекување на маж од Бразил од неколку мозочни тумори во 2008 година, додека тој бил во кома.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG