Достапни линкови

logo-print

Мајка Тереза - симбол за обединување


„Мајка Тереза е скопјанка, таа е од Македонија и е Албанка и тука нема елемент кој може да нè раздвојува“.

Доколку едно општество има поделеност по неколку основи и различните етнички заедници не се интегрирани, не може една манифестација како прогласување на Мајка Тереза за светица преку ноќ да иницира хармонично општество кое ќе се обедини околу некој заеднички симбол. Ова е ставот на професор Мирјана Малеска во пресрет на големиот настан во Ватикан на кој најголемата хуманитарка во светот, Римо-католичката црква ќе ја прогласи за светица. Малеска посочува дека суштествен проблем е што државата со децении наназад не е обединета околу заедничките и суштествени вредности кои се обележје на интегрирано општество.

„Вистина таа била светица, чуда треба да се очекуваат од светците, но сепак да се остане на терен на политичка анализа бара да се согледаат сите околности. Околностите се тие. Нас треба да не обединат вредности како што се слобода, демократија, почитување на човекови права, почитување на правата на малцинствата, особено почитување на неговиот јазик култура“, вели Малеска.

Аналитичарот Алберт Муслиу гледа дека ликот на Мајка Тереза е познат во цел свет по обединувачката мисија, а само кај нашите политичари не допира на вистински начин и оти секој со различен дискурс го употребува за свои цели.

„Зошто успеала цел свет да го обедини со својата добротворна мисија, а кај нас бидејќи нашите политичари се премногу дневно политички настроени истата вистина ја кажуваат, но со различен тон и изгледа како да се расправаат за таа тема. Мајка Тереза е скопјанка, таа е од Македонија и е Албанка и тука нема елемент кој може да нè раздвојува. По начинот на кој нашите политичари настојуваат тоа да да го искористат за свои цели, за свои интереси, е тоа е разединувачкото“, вели тој.

Малеска смета дека во Македонија политиката одамна за жал е една од најголемите мети на длабоки конфронтации и тоа се должи на начинот на кој се практицира политиката. Таа вели дека треба да имаме обединувачки јазик во сите сфери.

„Секојдневно, во секојдневната комуникација, па до сферата на политиката, каде системот налага споделување на власта. Но, ако тоа споделување на власта остане само на ова е мое, ова е твое, не сме придонеле за едно интегрирано општество“, вели таа.

Експертите во пресрет на прогласувањето на Мајка Тереза за светица сепак очекуваат обединетост. Тие потенцираат дека сите ќе го респектираат моментот кога таа ќе биде прогласена за света за нејзината добротворна и хумана мисија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG