Достапни линкови

logo-print

Ердоган - Терористите истерани од границата со Турција


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека турската воена акција во северниот дел на Сирија била успешна. Ердоган повтори дека Турција сака да етаблира „безбедносна зона“ на сириската граница и покрај тоа што светските сили не ја поддржуваат ваквата негова намера.

Според Ердоган, околу 400 квадратни километри биле исчистени од милитантите на ИД и од курдските сили во Сирија.

„Повеќе од 400 квадратни километри се исчистени од терористички организации. Оваа победа што беше постигната во толку краток период покажа дека Слободната сириска армија може да се бори против Исламската држава“, изјави Ердоган на прес-конференција во главниот град Анкара.

„Операцијата „Еуфратски штит“ беше прво влегување на турски војници и тенкови во Сирија во поддршка на сириските бунтовници.

Офанзивата започна на 24 август со брзо освојување на градот Џараблус кој се наоѓа на неколку километри во внатрешноста на Сирија и кој беше под контрола на милитантите на Исламската држава.

Соединетите Држави во понеделникот ги критикуваа судирите меѓу турските сили и некои опозициски групи во северниот дел на Сирија како „неприфатливи“.

Вашингтон ги повика сите страни во битките да се повлечат и да се фокусираат врз борбата против Исламската држава.

Повикувајќи се на изјавата американскиот специјален пратеник во коалицијата која се бори против милитантите на Исламската држава Брет Мекгурк, Ердоган изјави дека Турција била вчудоневидена од забелешките на западните претставници за турскиот упад во северниот дел на Сирија.

„Ние сме вчудоневидени од последните изјави од одредени кругови во западните земји. Некои луѓе се чувствуваат речиси нелагодно поради поразот на Исламската држава во Џараблус. Тоа е невозможно да се сфати“, рече Ердоган.

Турција, која со децении се бори против курдските бунтовници во земјата страхува курдите во Сирија да не ги зафатат областите што претходно беа под контрола на ИД и со тоа создадат курдска територија на границата со Турција.

Од почетокот на кампањата, турската армија соопшти дека бомбардира десетици цели на курдските сили, кои пак велат дека ја напуштиле таа територија многу порано пред воената акција на Турција.

Соединетите држави ги сметаат курдските сили во Сирија како најсилен сојузник против сунитските радикали.

Турција пак, ги смета за терористичка група и е загрижена дека нивното напредување во северниот дел на Сирија ќе ги охрабрат курдските бунтовници дома.

Во петгодишната војна во Сирија загинаа најмалку 250 илјади луѓе а околу пет милиони беа принудени да ги напуштат нбивните домови. Повеќето од нив засолниште најдоа во Турција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG