Достапни линкови

Учениците Македонци се враќаат во објектот на тетовската гимназија


Општинските власти и професорите договорија дека за паралелките на македонски јазик ќе се најде место во гимназијата Кирил Пејчиновиќ.

Оваа учебна година за наставата по македонски јазик во тетовската гимназија е 15-та по ред како се прават обиди да се надмине проблемот околу недостигот на училници и безбедноста. Годинава за прв пат по деценија и пол учење во други објекти, учениците Македонци настава ќе почнат да посетуваат во централниот објект на гимназијата. До тоа дојде откако организираа протестен марш поради несоодветните услови за настава, па општинските власти и професорите договорија дека за паралелките на македонски јазик ќе се најде место во училиштето.

„Учениците да се вратат и сите ученици да учат во нивното училиште т.е во гимназијата Кирил Пејчиновиќ. Управата доби задача да го организира наставниот процес на толку смени колку што ќе биде потребно“, изјави градоначалничката Теута Арифи.

Учениците, родители и професорите, остануваат на нивните барања долготрајно решение со изградба на нов објект во рамки на гимназијата со цел да има доволно училници и поголема безбедност.

„Почеток со временска рамка на изградба на ветениот објект - надградба или доградба на постојниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Привремено решение со нормални услови за одвивање на наставата, по можност во една смена, ако треба и како меѓу смена во гимназијата, но никако како солуција не ги прифаќаме просториите на Работничкиот универзитет „Кочо Рацин“ во кои требаше само привремено да останеме“, истакна Катерина Наумовска, заменик директор во гимназијата.

Градоначалничката на Тетово уверува дека има и волја и доволно простор во кругот на гимназијата да се изгради посакуваниот објект.

„Ние секогаш сме се залагале за интегративни решенија, не за одвоени решенија. Затоа што европската логика која ние ја следиме е логика каде што сите деца треба да делат исти вредности. Исто така земав јас како обврска на барање на родителите и на наставниот кадар да побарам да министерот за образование исто така и министерот за транспорт и врски да оговорат на барањето на родителите за да направиме една заедничка средба во однос на решението на доградба и надградба на делови од училиштето кои се потребни за да може сите ученици да се сместат таму. Сметам дека ова е едно коректно решение. Решение кое им овозможува на сите ученици не само да бидат заедно туку исто така и да работиме сите на едни вредности“, вели Теута Арифи.

Учениците од наставата на македонски јазик досега учеа во простории на основно училиште и во зградата на Бирото за развој на образованието. во претходните години настава имаа и во бараки на поранешното медицинско училиште каде се соочуваа со поплави и паѓање на дрвената конструкција и во тек на часовите.

XS
SM
MD
LG