Достапни линкови

Анкара: Нема примирје со курдските милитанти во Сирија


Анкара ги негира информациите за договор за примирје со курдските милитанти во северна Сирија. Турскиот министер за прашања поврзани со ЕУ, Омер Челик, денеска рече дека Анкара во никакви околности не прифаќа „компромис или прекин на огнот“ меѓу Турција и курдските елементи.

Портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби вчера рече дека борбите меѓу турските сили и сириските курдски борци, кои ја имаат поддршката од САД, се ставени во мирување 12 до 18 часа. Кирби рече дека Вашингтон сака паузата да продолжи за сите членки на коалицијата предводена од САД да може да се посветат на поразување на Исламската држава.

Портпаролот на американската Централна команда, полковник Џон Томас, вчера, пак, рече дека американската армија „доби уверување дека сите вклучени страни ќе престанат да пукаат едни кон други“ и ќе се фокусираат на Исламската држава. Томас ја опиша паузата како „лабав договор за барем во следните неколку дена“. Претставник на курдските милитанти рече дека договорот за прекин на огнот меѓу Турција и сириските курдски борци се спроведува. Вашингтон ги повика своите раскарани сојузници да престанат да се борат едни против други, откако Турција ја почна воената операција во северниот дел на Сирија на 23 август.

XS
SM
MD
LG