Достапни линкови

Попусти има, промет нема


Илустрација

Илустрација

Трговците велат дека не забележале значително зголемување на прометот и покрај тоа што е сезона на попусти, кога некои произвиди се продаваат и до 70 отсто поевтино.

Иако излозите на голем дел од продавниците во градот мамат со натписи за попусти и тотални распродажби до 70 отсто, продавачите велат дека не забележале значително поголема продажба. Сопствениците на помалите дуќанчиња велат дека не можат да се борат со големите брендови и дека работат со мала заработувачка. Попусти даваат пред крајот на секоја сезона, но велат дека дури и тогаш не се забележува поголема потрошувачка.

„Нема поголема работа, поголем промет нема. Ние сме мали дуќанчиња, кога има распродажба, луѓето купуваат од поголемите фирми. Ние со нив не можеме да се бориме. Јас работам со цени од 500 до 1200 денари и на тоа кога ќе дадам попуст замислете колку мене ми останува“, вели сопственичка на бутик во градскиот трговски центар.

Сепак, очигледна е поголемата раздвиженост и метеж во продавниците, редици граѓани кои чекаат пред гардеробите и дел од нив кои излегуваат со полни кеси алишта. Од оние кои застанаа пред нашиот микрофон, добивме различни одговори. Некои велат дека стрпливо ги чекаат попустите и тогаш купуваат повеќе. Но, повеќето од анкетираните велат дека купуваа по потреба и не се оптоваруваат со распродажбите.

„Сигурно дека се исплати да купуваш на попусти. Целата таа стока да ја земеш на половина цена.“

„Па гледаме да има попуст, внимаваме на тоа.“

„Ако прошеташ и до 50 отсто има попуст, што значи цената не е реалната, а таа со попустот е.“

„Нормално дека гледаме попусти да има, според стандардот наш големи се цените, а гардероба мора да се има.“

„Па, по потреба, тогаш купувам, не гледам попусти.“

„По потреба купувам, кога ми требаат обувки или нешто друго тогаш купувам“, велат дел од граѓаните што ги сретнавме.

Кај поголемиот дел од граѓаните постои размислување дека попустите дома и надвор од земјата не се исти и кога се работи за истиот бренд. Граѓаните сметаат дека попустите кај нас не се реални и оти најчесто се работи за маркетиншки трик, односно одредување на многу повисока цена на производот, а потоа нејзино намалување за одреден процент.

„Реалната цена е со 70 отсто. Таа е таа што треба да се продава. Сè друго е лепено, лепено и дојдено до едно ниво.“

„Нормално е дека ги покачуват цените. Реалната цена е таа кога ќе ја спуштат.“

„Кај нас попустите не се како во странство“, велат дел од анкетираните.

Во моментот поевтино ќе купите облека, отколку храна, заклучуваат граѓаните. Општо мислење на граѓаните кои ги прашавме е дека Македонците може да си дозволат да купат парче облека кога ќе им притреба и оти големата конкуренција и избор на производи со различен квалитет го дозволуваат тоа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG