Достапни линкови

logo-print

Пачкова - Мојата катарза се моите дела


Дороти Пачкова, сликарка

Дороти Пачкова, сликарка

Дваесеттина дела, акрил на хартија, настанати во изминативе неколку месеци, ќе бидат претставени на петтата самостојна изложба „Имагинативна деконструкција“ на уметницата Дороти Пачкова, што од 30 август до 6 септември, ќе се одржи во Кинотека на Македонија.

Деконструктивната индивидуалност во денешниот, постмодерен, општествен концепт е неопходна за градење на душевните состојби на авторот поединец. Авторите на денешницата создавaат под импресија на живото искусување на постоењето и поради ова Ве поканувам да ги доловиме моите лични деконструирања, заедно, преку уметноста.

Ова ќе го запише Дороти Пачкова во текстот до ликовната публика во пресрет на нејзината нова самостојна изложба „Имагинативна деконструкција“, што од 30 август до 6 септември, ќе се одржи во Кинотека на Македонија.

Говорејќи за актуелниот циклус, уметницата знае да каже дека настанал во изминатава половина година и дека е резултат на она што го живеела, преживувала.

„Она кое го проживуваме мора на некој начин некаде и секој со своите претензии некако да ги исфилтрира. Јас мојот живот го филтрирам преку уметноста. Така ги создавам овие дела за да можам од почеток да почнам да живеам со цел капацитет. Нема некоја голема филозофија. Со секое новосоздадено дело подобро се осознаваш себе и така научуваш поквалитетно да го живееш животот“, вели таа.

Пачова дополнува дека сите настани од животот кој го живееме се одразуваат на нас и не креираат како личност. И за да можеме сето тоа да го живееме и квалитетно и интензивно, како што вели, треба да имаме некои катарзички методи.

„Мојата катарза се моите дела. За да можам поздраворазумно и поспокојно да живеам ги создавам делата и потоа почнувам од почеток. Низ секој креативен чин се случува еден живот и се соочуваме со сите фази со кои се соочуваме во живеењето – и позитивни и негативни, и добри и оптимистички и демотивирачки и секакви и секојпат кога креираш се одвиваат тие процеси во сите нас. Секој креативен чин плус во животот не прави побогати или погусти како личности“, вели таа.

Како општествено освестена и ангажирана жена, уметница чие творештво го красат врутоците енергија, Пачкова нималку не остава простор за сомнеж кога ќе рече дека сите идентитети што еден автор што може да ги има се во добробит на областа во која што делува. Дека и секоја друга активност го креира не само како личност туку и како уметник. Дека никогаш не може да се раздели животот на уметникот од неговиот уметнички живот.

Од таму една од поубавите епизоди од нејзината сегашност ќе биде и фактот дека, освен на „Имагинативна деконструкција“, нејзиното творештво ќе биде присутно и на групната изложба што ќе уследи по завршувањето на ликовната колонија „Скопје 2016“, а која сè уште трае и за која уметниците творат во Музеј на град Скопје и Хотел Солун.

„Самите дела ги создаваме во Музеј на Град Скопје, во атељето на Белогаски, меѓутоа јас сликам долу во дворчето. А кога ќе го кренам погледот, горе е живеалиштето на моите прабаба и прадедо. Во тој стан на некогашната Железничка станица Скопје е станот во кој татко ми е донесен како новороденче. Таму живееле. Сега јас се чувствувам како во дворот пред зграда да им сликам. А тоа сигурно има некое влијание врз мене. Тоа е многу интензивно искуство и многу сум среќна што ја имам честа да бидам дел од ова збиднување. А, ненасловените дела сами по себе, веројатно, и нема многу да се разликуваат од оние на самостојната изложба бидејќи се создавани во многу краток временски период“, вели таа.

Кон ова уште малку фактографија. Родена 1985 година во Скопје, Дороти Пачкова дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсекот сликарство и графички дизајн во класата на професор Жанета Вангели.

Во еден период од својот живот учествувала на повеќе групни изложби со слики и објекти, гостувала на ликовни колонии, се испробувала во актерството. Изведувала и перформанси по јавни места, кои намерно не ги документирала, така изразувајќи го протестот кон масовната потрошувачка култура што му ја диктира општеството на современиот човек, правејќи го роб на бесцелните и минливи, безсуштински дејства и активности. Со нив исто така сакала да ја истакне уникатноста на поединецот, со тоа што никогаш не повторила еден ист перформанс.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG