Достапни линкови

Клинтон и Трамп се обвинуваат за расизам


Кандидатката за претседател на САД од Демократската партија, Хилари Клинтон, рече дека називот на кампањата на нејзиниот републикански противкандидат Доналд Трамп треба да биде „да направиме Америка да мрази повторно“. Неговата кампања е насловена „Да ја направиме Америка голема повторно“, но зборот мрази на англиски е хејт, а зборот голема е грејт, при што Клинтон ја искористи таа игра со зборови. Трамп, пак, возврати дека Клинтон е расистка чија семејна фондација е „злосторничко здружение“. Зборувајќи вчера во Невада, Клинтон рече дека Трамп ги направил „групите што мразат мејнстрим“ и оти им го отворил патот на радикалните маргиналци во Републиканската партија, вклучувајќи ги и антисемитите и заговорниците на супериорност на белата раса. Клинтон исто така го критикуваше Трамп за појавувањето на британскиот десничарски политичар Најџел Фараж на негов митинг, велејќи дека Фараж ги разгорел антиимигрантските чувства за да победи на референдумот за напуштање на ЕУ. Таа рече дека Трамп и Фараж се дел од зголемениот бран на „екстремен национализам“ и оти „кум“ на тој глобален тренд е рускиот претседател Владимир Путин. Бизнисменот Трамп ги отфрли обвинувањата за расизам, бранејќи го својот цврст став кон имиграцијата и ја обвини Клинтон дека ги прикажува „пристојните Американци како расисти“. Тој ја обвини својата противкандидатка за расизам, затоа што, како што рече, на малцинствата гледа само како извор на гласови, додека не прави ништо за нив. Трамп рече дека со обвинувањата против него, Клинтон сака да го сврти вниманието на јавноста од прашањата за донациите во Фондацијата Клинтон и од употребата на нејзиниот приватен сервер за електронска пошта додека била државен секретар, наместо да го користи службениот на Стејт департментот.

XS
SM
MD
LG