Достапни линкови

Гуски во магла


Партиите ја киднапираат вистината за да внесат забуна, а збунетоста е чекор кон дефетизам. Кога луѓето не може да утврдат што е вистината, се прашуваат која е смислата на нивниот ангажман, вели професор Љубомир Цуцуловски.

Живееме во систем во кој долго време се работи да се внесе забуна, вели професор Љубимир Цуцуловски, кој посочува дека сизифовски тешко е да се определи што е вистина, а што лага. Секоја партија, вклучувајќи ја и опозицијата, има удел во ваквата состојба, вели Цуцуловски, оценувајќи дека партиите ја киднапираат вистината, иако интензитетот на тоа поигрување не е ист. Како еден од многуте примери, тој го посочува амбулантното возило од летните демонстрации за кое јавноста не дозна дали во него имало пациент или не, а во јавноста беше обвинета опозицијата дека го спречила неговото движење.

„Значи, еден ист факт со различни интерпретации. И сега, кому јас да верувам. Нормално дека штом гине вистината, тогаш не сте ни во состојба да извлечете адекватни заклучоци и оттука збунетоста на јавноста, а она што ме згрижува е следново. Збунетост е чекор кон дефетизам. Значи кога е човек збунет, кога не може да донесе одлука, затоа што нема врз основа на што да ја донесе таа одлука, значи нема цврсти факти, нема цврсти изворни податоци, тогаш почнува да се прашува која е смислата воопшто да се ангажирам кога јас живеам, еве ќе го употребам тој термин, како гуска во магла“, вели Цуцуловски, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Ваква состојба кога не може да се утврди вистината, според Цуцуловски, повлекува низа други состојби кои ја задушуваат волјата на граѓаните да се најде излез и да се биде активeн чинител. Тој вели дека граѓаните абдицираат од своето право да говорат, да разговараат, да излегуваат на протести и се претвораат во аморфна маса која се затвора во себе и во својот тесен и семеен пријателски круг и тука се дискутира.

„Не затоа што постои страв од можноста да сносите последици, туку затоа што веќе не гледате смисла за каков било ангажман. Тоа, пак, е смислата на секој тоталитарен систем, да доведе до едно општо декуражирање или обесхрабрување на кој било граѓанин, на кој било интелектуалец, на било кое колку толку разумно живо суштество да се мобилзизира и да се активира. Кај нас ми се чини дека се случува токму тоа. Една општа апатија, како резултат на тоа вешто поигрување и од страна на власта и од страна на опозицијата. Не сакам да ставам знак на равенство, но не можам да не го констатирам тоа поигрување со вистината и од едната и од другата страна. Интензитетот сигурно дека не е ист, но тоа поигрување несомнено постои“, вели Цуцуловски.

Политикологот Борјан Ѓузелов за разлика од Цуцуловски смета дека политичката криза која трае година и половина донела поголем граѓански активизам и оти е пројавен поголем интерес да се учествува во протестите, но и хуманитарно да се помага во областите што беа зафатени од поплавите. Но, тој сепак додава дека има апатија кај дел од јавноста, сметајќи дека ваквата состојба се должи на затвореноста на политичките преговори без можност од вклученост на граѓанскиот сектор, како и поради континуираното нерешавање на кризата. Алтернатива за поголем граѓански активизам, според него, е да се појави нов политички скандал, како оној со аболициите и да ги разбуди граѓаните. Според него, подобар, иако побавен начин, кој ќе овозможи поголем граѓански активизам е да се зголеми транспарентноста на политичките процеси.

„Пред сè на преговорите кои се одвиваат меѓу лидерите на четирите партии, иако тие го имаат најголемиот политички легитимитет, потребна е поголема отвореност на преговорите и вклучување на јавноста, зашто само информирана јавност може да биде критичка и активна. Затвореноста на политичките преговори, преговарањето само на четирите партиски лидери и нивните партиски врхушки и континуираното нерешавање на политичката криза покрај активизмот секако креираат апатија кај дел граѓаните и не само кај дел граѓаните, туку дури и кај тие што се активни, креираа едно чувство на недоверба и на незаинтересираност од типот - што ќе правиме веќе кога четворица ни ги носат одлуките што има ние да се мешаме кога и онака никој не се слуша“, вели Ѓузелов.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG