Достапни линкови

logo-print

Во Турција се зголемуваат тензиите


Турските власти остро го осудија нападот врз конвојот на лидерот на главната опозициска Републиканска народна партија Кемал Киличдароглу. Официјална Анкара за нападот, кој внесе дополнителни тензии во земјата по неуспешниот воен удар, ги обвинија курдските бунтовници.

Конвојот на Кемал Киличдароглу бил нападнат во североисточниот дел на земјата, но тој не е повреден, соопшти турското Министерство за внатрешни работи.

Премиер Бинали Јилдирим го осуди инцидентот за кој оцени дека бил терористички напад со цел да се наруши стабилноста во земјата.

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу осудувајќи го нападот изјави:

„Ниту другите политички партии, ниту нашата партија ќе го сменат нивниот став во врска ваквите напади“.

Претходно, министерот за внатрешни работи Ефкан Ала изјави дека нападот го извршиле припадници на забранетата Работничка партија на Курдистан и оти при престрелката биле ранети тројца војници кои го придружувале конвојот на Киличдароглу.

Во Турција и конвоите на лидерите на опозицијата се со полициска и воена придружба по серијата бомбашки и други напади што се случија во изминатата година.

Турската влада ги обвини курдските бунтовници за повеќето напади што се случија во последно време во југоисточниот дел на земјата.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој бил информиран за нападот, изјавил дека дека тој ќе ја уништи Работничката партија на Курдистан која веќе три децении се бори за автономија или независност од Турција.

Ердоган испрати тенкови на границата со Сирија во мисија чија цел, освен истерувањето на милитантите на Исламската држава од тоа подрчје, е и спречување на сириските Курди да се поврзат со Курдите во Турција.

Сириските бунтовници поддржани од турски специјални сили, тенкови и борбени авиони влегоа во Џараблус, едно од упориштата на милитантите на ИД.

Сепак, претседателот Ердоган стави јасно до знаење дека операцијата треба да оневозможи натамошно освојување територии од страна на сириските Курди кои пак им се едни од сојузниците на Соединетите Држави во борбата против исламистите во Сирија.

Како и да е, нападот врз конвојот на турскиот опозициски лидер ги зголеми тензиите во Турција по неуспешниот воен удар за соборување на претседателот Ердоган и зачестените терористички напади за кои властите ги обвинуваат курдските бунтовници и милитантите на Исламската држава.

Од друга страна, промашениот пуч ги намали политичките поделби во земјата откако опозициската Републиканска народна партија на Киличдароглу го осуди како удар и врз демократските вредности во земјата.

Состојбата во Турција, која е на првата линија на западните операции против ИД, предизвикува длабока загриженост кај повеќето членки на НАТО.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG