Достапни линкови

Пратениците расправаa за буџетот за кризни состојби


Пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ на денешната седница на која се расправаше за измени на Законот за буџети рече дека Законот не се однесува на поплавените во Скопје и Тетово, туку за некои идни кризни состојби кои би се случувале во Македонија.

„Владата сака да ја искористи оваа ситуација и да одземе на Собранието едно решение кое сега постои“, рече Николов.

Сметаме, посочи, дека ова законско решение е антидемократско, не е транспарентно, и е спротивно на отчетноста во трошењето на парите на граѓаните.

Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМЕ рече дека сакале веднаш да им се помогне на оштетените во поплавите со инфраструктура, со обесштетување...

„Со постојните законски регулативи ние немаме можност тоа да го направиме веднаш. Ние можеме да почнеме ребаланс на буџет, меѓутоа според законските процедури и прописи тој ребаланс на буџет не може да заврши побрзо од 30 дена“, посочи Мукоски.

Седницата ќе продолжи во понеделник.

Измените на Законот за буџети се по предлог на Министерството за финансии, со коишто на министерствата ќе им се овозможи во кризни состојби да можат да направат прераспределба на средства од 5 отсто во буџетот, односно ќе можат толкави средства да пренаменат во друго министерство. Ваквиот предлог на Владата го отвора прашањето дали таа си создава простор во иднина да прави ребаланси без да ги праша пратениците.

XS
SM
MD
LG