Достапни линкови

Градење доверба за компромис за името


Попоски и Коѕиас за името
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Попоски и Коѕиас за името

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Попоски и Никос Коѕиас, не разговарале за спорот за името, туку граделе доверба меѓу двете држави. Двајца што немаат доверба, не може да влезат во брак, вели Коѕиас.

Не станало збор за спорот со името на денешната средба меѓу македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи, Никола Попоски и Никос Коѕиас во Скопје, но и двајцата се согласуваат дека со мерките за градење на доверба меѓу двете држави се отвора патот за постигнување компромис. Коѕиас рече дека тој навива за компромис, но за добар компромис, кој, како што рече, ќе ги ослободи земјите од оковите на историјата. Според него, секој компромис има црвени линии, бидејќи во спротивно тоа би бил лош компромис. Мерките за градење на доверба, како што истакна Коѕиас, не се поврзуваат со спорот со името, но ги нормализираат односите меѓу двете држави и досега е остварен голем напредок.

„Но, факт е дека кога се зголемува довербата и проблемите се полесни и рамките се многу пошироки за да се најде решение. Двајца луѓе што немаат доверба еден во друг можат ли да се венчаат и да бидат во брак? Не, никогаш тоа не може да се случи. Постојат само сегменти за доверба и така тие сегменти ако се зголемуваат ќе имаме секогаш добро решение“, рече тој.

Попоски истакна дека има разлики во спорот со името меѓу Македонија и Грција, но може да се влијае на создавање доверба и клима на соработка преку мерките за градење доверба. Најпрвин, според него, мора да се работи на создавање на некаква рамка која ќе ја промени перцепцијата во двете земји. Во Македонија, да не постои чуство дека Грција е против земјата, туку дека и е партнер. Јужниот сосед, пак, како што рече Попоски, да биде убеден дека Македонија нема никакви претензии.

„Ако сме согласни дека остануваме тука каде што сме и дека имаме заеднички интереси, најдобриот пат да стигнеме до тоа е овој кој го одбравме. Зголемување на довербата преку конкретни мерки. Наша цел конечно е да бидеме и во ЕУ и НАТО, така како што е и Грција во ЕУ и НАТО. На овој пат ќе мораме да градиме односи и ќе мора да градиме клима во која и ние ќе ги убедиме и тие ќе не убедат ова е заедничка цел. Лично сум убеден дека на крајот на патот тоа е во интерес на двете земји“, рече Попоски.

Коѕиас истакна и дека во ЕУ гласале против преземањето санкции врз Македонија, бидејќи не веруваат во казни. Во однос на бегалската криза и двајцата министри на истиот став дека полицијата добро соработувала и ќе продолжи на натаму да се справува со предизвикот благодарение на мерките за доверба. Коѕиас и Попоски се договориле и за соработка во инфраструктурата, како градење на железничка линија и гасовод за испорака на гас и нафта од Грција кон Македонија, како и во други области како образованието.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG