Достапни линкови

logo-print

Владата ги затвора „ѓуленистичките“ организации во Македонија?


Илустрација: Ученици од училиштето Кемал Јахја во Скопје

Илустрација: Ученици од училиштето Кемал Јахја во Скопје

Владата ги поддржува легално избраните власти во Турција и има донесено одлуки, кои ќе бидат во согласност со нашето законодавство и нашите национални интереси, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски на прашањето дали владата донела одлука за затворање на турските училишта и организации поврзани со муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен, кого турската влада го посочува како инспиратор на неодамнешниот неуспешен воен удар во земјата.

Македонската влада единствено ги поддржува демократски избраните институции во Турција и во тој поглед ќе соработува со владата во Анкара во насока на остварување на нивните цели, а во согласност со македонското законодавство, рече министерот за надворешни работи Никола Попоски на новинарското прашање дали е донесена одлука за затворање на училиштата и организации во Македонија за кои турската влада се сомнева дека се поврзани со свештеникот Фетула Ѓулен.

„Во поглед на прашањето за одлука на влада, да владата има донесено одлуки. Сите одлуки кои би ги носеле и ќе ги носиме ќе бидат во согласност со нашето законодавство, нашите национални интереси и тоа било и ќе биде“, рече Попоски давајќи непрецизен одговор.

Информацијата дека македонската влада донела таква одлука не е негирана, ниту, пак, потврдена и од други министри и владини претставници кои на прашањето од Радио Слободна Европа упатуваа да се побара одговор од Попоски.

Кон крајот на јули турската влада побара од неколку балкански земји да ги затворат училиштата за кои се сомневаат дека се поврзани со движењето Хизмет на Ѓулен, но Албанија и Косово веќе го одбија таквото барање. Во Босна и Херцеговина, пак, се пишува дека училиштата кои се поврзани со Ѓулен треба да бидат префрлени на управување на Исламската верска заедница во земјата, но за тоа нема официјална потврда.

Турската агенција Анадолија објави список со фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до свештеникот противник на Ердоган. Во веста објавена крајот на јули се наведуваше дека во земјава имало седум такви училишта, а функционирале и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам. Први на листата, според агенцијата, се основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица.

Еден од директорите во Јахја Кемал во Македонија, Суреа Таук, попладнево на својот Фејсбук профил наведе дека „во последно време се ширеле секакви шпекулации, невистини и дезинформации за нивното училиште“, информирајќи дека истите не требало да се земат предвид. Колеџот Кемал Јахја на својата интернет страница денеска објави дека не се затвора.

Покрај Јахја Кемал, Анадолија, како блиски до Ѓулен, ги наведе и неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, во областа на туризмот агенцијата „Башак“, потоа компанијата за транспорт „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР. Тие се наоѓаат во Скопје и се поврзани со организацијата ФЕТО.

Според Анадолија, еснафот и деловните луѓе спроведуваат свои активности во организацијата „Здружение на бизнисмени“, Фондациите „Шафак“ (Şafak) и „Толеранс“ (Tolerans) и се одговорни за работењето на студентските интернати во земјата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG