Достапни линкови

Тетовци немаат сон од ноќните трки


Илустрација
Илустрација

Трките започнуваат после полноќ и траат со часови. Силниот звук на моторите ги буди сите, а полицијата не постапува по пријавите, се жалат жителите на Тетово.

Жители на Тетово, кои имаат станови во зградите покрај двата главни булевари Илирија и Илинден, се жалат дека поради трките со автомобили во ноќните часови им се нарушува мирот и спокојот, па остануваат будни и вознемирени.

Трките започнуваат доцна во ноќта, после полноќ и траат со часови. Силниот звук на моторите ги буди сите без разлика на годините, а полицијата не постапува по овие пријави, вели Марин Најдов, кој зборуваше во име на станарите од зградите на булеварот Маршал Тито, сега Илирија.

„Не може нити да се живее, нити да се спие. Од урлањето и бруењето на моторите, што од коли, што од мотори. Жално е што преку ден полицијата организирано може да се види, а навечер нема ни еден, нити да ги запре, нити да ги праша. Сум консултирал повеќе луѓе, се јавуваат во полициска станица, меѓутоа никој не реагира на тоа“, кажува Најдов.

Во тетовската полиција велат дека патролни служби имаат на терен, но не успеале да најдат некој кој се трка со возила по градските булевари.

„Вечерните трки за кои прашувате засега не се затекнати регистрирани, односно конкретно откриени и аналогно на тоа нема поднесоци за таков вид прекршоци, кои морам да потенцирам од досегашното искуство тешко се откриваат и уште потешко се докажуваат, дури и непосредно да се видат елементи на ваков случај. Но, тоа не значи дека секторот за внатрешни работи Тетово нема да постапува адекватно доколку се регистрираат прекршоци од таква природа и карактер. Со напомена патем дека глобите се големи, а ако се оцени дека во поголеми мерки и размери се нарушува безбедноста на другите учесници во сообраќајот, санкциите можат да бидат уште поригорозни“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Станарите велат дека автомобилите кои се тркаат се скапи возила, пред сè со странски таблички.

„Не знам дали се печалбарите меѓутоа најмногу се случува кога тие се тука, на овие простори. Кога печалбарите се присутни, тоа најмногу се случува. Тие имаат нешто во себе, при нивното доаѓање малку да се издуваат и да го покажат тоа“, оценува Марин Најдов .

Како место каде се одвиваат трки, од страна на граѓаните се посочува и обиколницата на Тетово, во правец од Скопје кон Гостивар.

XS
SM
MD
LG