Достапни линкови

На распит во СЈО денеска се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ и член на ДИК, Силвана Бонева и претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски. Не се соопштува за кои случаи се повикани.

Специјалното јавно обвинителство продолжува со зголемениот интензитет на работа, како што најавија, при што денеска на распит се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ и член на ДИК, Силвана Бонева и претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски. Не се знае за кои предмети тие се повикани на распит, но познато е во кои од прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата во таканаречените бомби се најдоа и нивните имиња.

Бонева беше дел од бомбите на СДСМ за изборните измами во Струмица, потоа за хашките случаи, законот за бранители, како и за спорот за името и за проектот Скопје 2014. Во еден од разговорите, според СДСМ, може да се слушне како поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски прави стратегија со Бонева за тоа како ќе настапат на собраниската седница посветена на пратенички прашања на која се очекува да се зборува и за Скопје 2014.

„Машки глас: Сте и рекле на Бети утре да доаѓа на седница, во Собрание. За Скопје 2014.

Женски глас: Не јас кажах да размисли убаво дали да дојде.

Машки глас: Мое мислење е не, затоа што целата дискусија ќе биде прашања до неа колку кошта. Ако она каже колку кошта ние ќе губиме.

Женски глас: Ок.

Машки глас: Ако па не кажува колку кошта и да го заобиколува пак ќе губиме, ме разбираш, е, нејќе да каже, те прашавме, кажи колку кошта, и колку и да каже само тоа ќе биде дебатата. Јас мислам ради тоа да не доаѓа она.“

Во друг разговор на Бонева и Груевски се зборува дека за време на изборите во Струмица, се вршело рекет од страна на пратеникот Славе Гошев.

Женски глас: Нема фирма што не е изрекетирана во Струмица. И многу лошо тоа се одрази на...

Машки глас: Кој рекетирал?

Женски глас: На самата кампања. Славе Гошев.

Машки глас: Од кого?

Женски глас: Славе Гошев. Фирма нема што не е изрекетирана во Струмица.

Во една од бомбите, во разговорот меѓу екс шефот на тајната служба Сашо Мијалков и Тачи, според СДСМ се докажувала соработката меѓу власта и опозициската партија на Албанците.

Прв машки глас: Мендух, што правиш?

Втор машки глас: Еј, здраво.

Прв машки глас: Добар си ми?

Втор машки глас: Не те барав бе за ништо, не се плаши.

Прв машки глас: Нееее, ти можеш да ме бараш за што сакаш мене.

Втор машки глас: Само да ти кажам тука сум, ако треба нешто, кажи.

Прв машки глас: А?

Втор машки глас: Тука сум, ако треба нешто, кажи, за сé, до смрт.

Прв машки глас: Добро бе, важи.“

Партијата за целосна еманципација на Ромите во март минатата година организираше протестен марш на која лидерот на партијата Самка Ибраимовски објави аудио-снимки, кои се однесуваа на изборите во Шуто Оризари. Тој тогаш изјави дека се потврдува оти имало голем број изборни манипулации во Шуто Оризари и особено притисоци врз Ромите и нивно омаловажување како „граѓани од втор ред".

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG