Достапни линкови

logo-print

САД ќе ги штитат своите специјалци од бомбардирања во Сирија


Американски авиони се ангажирани да ги штитат припадниците на специјалните единици на САД и нивните сојузници од авионски напади на сириската влада во југоисточниот град Ал Хасаках.

Портпаролот на Пентагон, капетанот Џеф Дејвис изјави дека американските сили ги зголемуваат борбените воздушни патроли во близина на градот и го предупредуваат официјален Дамаск дека САД ќе ги бранат коалициони сили од напади. Дејвис посочи дека во засегнатата област има мала група на американски командоси кои ги обучуваат и советуваат борците на Сириските демократски сили кои се борат против претседателот Бараш Ал-Асад.

САД велат дека досегашните сириски бомбардирања не ги погодиле нивните сили, но дека се случуваат доволно блиску до нив што предизвикуваат загриженост. Дејвис изјави дека САД се обратија до Русија во врска со нападите, но дека руските претставници негирале поврзаност со воздушни напади во тој реон. Русија е сојузник на владините сили во Сирија и исто така изведува бомбардирања против бунтовниците. Сириските владини сили последните денови ги бомбардираат деловите од градот Ал-Хасаках кои ги контролираат Курдите што како што јавуваат агенциите, присили илјадници луѓе да го напуштат градот.

XS
SM
MD
LG