Достапни линкови

Азербејџан уапси лица поврзани со Ѓулен


Азербејџанските власти соопштија дека уапсиле четири лица поврзани со турскиот свештеник Фетула Ѓулен кого Турција го обвини дека стои зад минатомесечниот обид за државен удар.

Четирите неименувани лица се осомничени за злоупотреба на позициите додека работеле во компанија за мобилна телефонија. Тие се осомничени дека давале приватни информации за корисниците и нивната телефонска историја, соопшти вчера азербејџанското обвинителство.

За време на претресот во домот на еден од осомничените, како што соопшти обвинителството, била пронајдена забранета верска литература, дискови и брошури со говори на Ѓулен.

Блискиот сојузник на Анкара, Баку, претходно неделава отвори истрага против поддржувачите на Ѓулен, за кого турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган верува дека се обидел да го тргне од власт на 15 јули. Ѓулен кој живее во егзил во САД ги негираше таквите тврдења. Азербејџан минатиот месец затвори приватна телевизија која планираше да емитува интервју со Ѓулен за да избегне провокации кон Турција.

Во меѓувреме новинската агенција Блумберг јави дека американскиот оддел за правда испратил претставници во Турција за да ги испитаат обвинувањата поврзани со барањето за екстрадиција на Ѓулен.

XS
SM
MD
LG