Достапни линкови

Поезијата да излезе од книгите


Луѓето треба да јадат, да се облекуваат и треба да плаќаат сметки. Кога тоа ќе го средиме во животот на луѓето, тогаш ќе можеме да им понудиме поезија, вели поетесата Елена Пренџова. Таа додава дека треба да се најдат начини поезијата да им се доближи на граѓаните. Писателот Жарко Кујунџиски додава дека поезијата треба почесто да излегува од книгите и да биде почесто интерпретирана во јавност.

Историски гледано, поезијата отсекогаш била привилегија на елитата, вели поетесата Елена Пренџова, во интервјуто на Радио Слободна Европа што ќе го емитуваме в недела. Таа појаснува дека денес поезијата не е елитизирана и дека е достапна до сите оние коишто сакаат да ја конзумираат, меѓутоа не заборава да се праша колку процентуално од целата читателска публика сака да чита поезија и констатира дека тоа секако не се 90 проценти.

„Еднаш ми го поставија прашањето дали верувам дека поезијата може да го смени светот. Да, може, ама доколку ја читаат. Ако не ја читаат, нема да има медиум за да може да ја апсорбираат. Тоа се обидувам да го направам и со слемот. Не да измислам нов жанр, туку да преземам еден поетски жанр и да го направам достапен на публиката. Така што, кога говорам за ова време јас мислам глобално. Не мислам на овде и сега. Не мислам на централизирано Скопје, не мислам на Македонија, ниту на Балкан, туку зборувам за целата земјина топка. Дека ние не живееме во време кое е благонаклонето кон поезијата. Луѓето треба да јадат, да се облекуваат и треба да плаќаат сметки. Егзистенцијалното прашање е најосновно и најбитно. Кога сите тие работи ќе ги средиме во животот на луѓето, тогаш ќе можеме да им понудиме поезија“, вели таа.

Жарко Кујунџиски, писател и издавач, истакнува дека поезијата може и треба да биде глас на секој автор и совест на општеството како и сите други уметности, бидејќи зборот е основата од која тргнуваат и завршуваат творците и дека тие тука се најсилни.

„Поезијата треба да биде ангажирана и треба да се има свесност за она што се случува околу нас, но сепак ќе кажам дека тоа е еден личен избор на авторот. Не секој поет себе си се чувствува пријатно кога говори за своите лични чувства, но не секој се чувствува пријатно кога говори за општествените состојби. Така што, секому своето и веројатно само тогаш ќе биде најсилна и најискрена поезијата“, вели тој.

Кујунџиски појаснува дека поезијата треба сè почесто да излегува од книгите и да станува се повеќе присутна и сè почесто интерпретирана, со додава дека не секоја поезија би требало секогаш да биде јавно експонирана и не секој автор има чувство дека неговата поезија сака да биде интерпретирана на каква било сцена.

Во овој контекст, Игор Трпчески, актер во Прилепскиот театар, поет и слемер, со неколку стихувани прашања и свои видувања:

„Има ли поезија без љубов? Има ли поезија без болка? Што е поезијата? За мене поезијата е природата. Поезијата е сè она што гледам. Сите вие сте поезија. А што сум тогаш јас? Поезија?“, вели тој.

Трпчески вели дека со овие свои стихови и размислувања би сакал да каже дека поезијата е и потреба, неопходност на времето и местото во кое живееме.

„Поезијата е историја со сите нејзини светли и темни страни. Поезијата е искра која потпалува, поттикнува, возвишува и може да летне и да каже се што треба да се каже“, вели тој.

Трпчески истакнува дека за нејзината појава да има смисла треба да има и да се создава читателска и слушателска публика. Потенцира дека не многу одамна поетите пееја дека видеото ги уби радио ѕвездите, а денес електронските и другите медиуми го преземаат приматот и сè повеќе се гледаат и слушаат и читаат на голема штета и правејќи и неправда на поезијата. Затоа тој смета дека треба да се поддржуваат, промовираат и финансираат многу повеќе независни и алтернативни поетски и литературни манифестации, како и да се печатат поетски дела во тираж не помал од 1000 примероци и да се продуцираат поетски радио и ТВ читања и драми. Тој својата изјава дури и ја завршува со еден цитат од „Биг Бенг“ на поетот Јозо Т. Бошковски.

„О, Македонијо!

Колку време требаше да помине од Александар Македонски, до мене?

Александар беше космотвор, а јас, зборотвор!

Мојата поезија ја брани историјата од црвојадина!

Кога мојата поезија ќе ја освои целата цивилизација... Ќе подигнам светска држава!!!

Царство поетско. Царство небеско: Сонцето стои среде небо и ги говори моите стихови... Се слушаат викови: Ѕвездите треперат од страст!

Мојата публика ја пронајде вистината и се заљуби во минатото, во сегашноста и во иднината!“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG