Достапни линкови

Јанкулоска во СЈО побара увид во доказите


Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска беше повикана во Специјалното јавно обвинителство да даде исказ во врска со случајот Тврдина. По краткиот престој во просториите на СЈО таа рече дека не дала исказ оти не и биле почитувани основните процесни права. Таа рече дека со нејзиниот тим инсистирале да бидат исполнети елементарни услови за процедурата да можела да се одвива.

„Денес не беа исполнети елементарните предуслови за да може да започне една ваква постапка односно за да може да се случи распит. Јас не барав ништо посебно, барав елементарно запознавање со доказите кои тие тврдат дека ги имаат за да воопшто можам да се изјаснам за нешто што во моментов се уште го немам видено. Тогаш кога ќе имам право да ги видам документи ли се, друга форма на докази ли се, што тие ми ги ставаат на товар , јас повторно стојам на располагање на сите државни институции“ рече Јанкулоска.

Јас немам сторено ниту едно кривично дело, нагласи таа на прашањето дали смета и дека сите 13 дела за која ја аболираше претседателот Ѓорге Иванов се политички мотивирани додавајќи дека зад сето ова стоела опозицијата.

Во случајот „Тврдина“ кој го отвори СЈО во март годинава се сомничат началници и министер за внатрешни работи дека во 2015 незаконски уништиле опрема за следење на комуникациите.

XS
SM
MD
LG