Достапни линкови

Бајден: Обединет Балкан е важен за Европа


Бајден по средбата во српскиот премиер Вучиќ, рече дека Србија е политички и економски камен-темелник во регионот. Според Бајден, обединет Балкан е многу важен за Европа.

Односите меѓу двете земји, дијалогот Белград - Приштина и односите меѓу земјите на Балканот, биле тема на разговор меѓу потпретседателот на САД Џо Бајден и премиерот на Србија Александар Вучиќ.

„Мојата посета на Србија е кратка, но многу работи постигнавме, рече Бајден по состанокот.

Бајден рече и дека Србија е политички и економски камен-темелник во регионот. Според Бајден, обединет Балкан е многу важен за Европа.

„Суштина за цела Европа е овој цел регион да биде обединет и да биде мирен“, рече Бајден.

Тој вели дека САД и помагаат на Србија подобро воено да се опреми и да биде во состојба да соработува со НАТО. Тој на заедничката прес-конференција со Вучиќ рече дека војските на двете земји соработуваат во борбата против Исламската држава и во рамките на меѓународните мировни операции. Американскиот потпретседател изрази и сочувство до семејствата на жртвите кои загинаа во бомбардирањата на НАТО во Србија во 1999 година.

Бајден денеска оцени дека е добро тоа што Белград и Пришина се посветени на напредок и на евроинтeграциите.

„Има многу работи од историјата што треба да се надминат. Јас тоа прашање ќе го отворам и утре во Косово. Ќе биде потребно многу работа и политичка волја, но се надевам дека ќе продолжите да напредувате во оваа ситуација“, рече Бајден.

„Разговаравме за три многу важни теми, билатералните односи САД - Србија, дијалогот Белград - Приштина и можниот напредок во иднина, а третата тема беа регионалните односи и европскиот пат на Србија, рече Вучиќ по средбата со Бајден во Палата Србија.

Со Бајден разговарале и за односите меѓу Србите и Албанците.

„Многумина во односите меѓу Србите и Албанците направија бројни грешки, страдаа многу Срби и многу Албанци и верувам дека тоа нема да се повтори и верувам дека имаме поинаква иднина пред себе и дека тоа е нешто за кое можеме да се договориме, а не да се гледаме преку нишан“, рече Вучиќ.

Тој најави дека наскоро ќе му биде домаќин на албанскиот премиер Еди Рама, како и на некои претставници на Албанците од Косово.

Тој се заблагодари за поддршката што САД и ја дава на Србија на патот кон ЕУ.

Освен со Вучиќ, Бајден се сретна и со српскиот претседател Томислав Николиќ.

Претходно на аеродромот Никола Тесла во Белград, Бајден беше дочекан од премиерот Александар Вучиќ во присуство на Гардата на српската Армија. Девојка во традиционална носија го пречека Бајден и неговите придружници со погача.

Во посета на Белград во исто време е и шведскиот премиер Стефан Левен, па поради високите гости во главниот град се зголемени мерките за безбедност. Околу Палата Србија имаше силно обезбедување, а околината ја надлетуваа хеликоптери.

ТВ вести: Бајден во посета на Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

По посетата на Србија Бајден ќе го посети Косово. Предвидено е утре американскиот потпретседател да се сретне со тамошниот премиер Иса Мустафа и со претседателот Хашим Тачи. Бајден и неговата сопруга ќе присуствуваат и на церемонија на именување на улица во Приштина со името на нивниот починат син Бо Бајден.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG