Достапни линкови

Потпретседателот на САД денеска во Белград и во Приштина


Потпреседателот на САД Џозеф Бајден денеска ќе допатува во Белград, каде ќе разговара со српскиот државен врв, а аналитичарите оценуваат дека станува збор за многу значајна посета.

Се очекува потпретседателот на САД да пристигне во текот на денот, а на аеродромот „Никола Тесла“ ќе го пречека министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, јавува Танјуг. Свечениот пречек е предвиден во Палата Србија, денеска попладне, каде ќе го дочека премиерот Александар Вучиќ.

По разговорот на двете делегации, па одделната средба на Вучиќ и Бајден зад затворени врати, српскиот премиер и потпретседателот на САД ќе одржат прес-конференција. Бајден ќе оствари средба и со претседателот на Србија Томислав Николиќ.

За време на неговата посета во Белград во сила ќе бидат сите неопходни безбедносни мерки, кои се веќе видени за време на претходната посета на Бајден во Србија во 2009 година.

По Белград, Бајден ќе отпатува во официјална посета на Косово. Косовскиот претседател Хашим Тачи неговата посета ја оцени како историска за Косово и нагласи дека Бајден е посветен на мирот во нашиот регион.

Американскиот потпретседател во Приштина ќе пристигне вечерва, а неговите средби со претседателот Хашим Тачи и премиерот Иса Мустафа,се планирани за утре.

Тие ќе престојуваат и во кампот Бондстил, каде ќе присуствуваат на свеченоста, што под патронат на Косово, се одржува во чест на именувањето на улица со името на нивниот починат син Џозеф „Бо“ Бајден.


XS
SM
MD
LG