Достапни линкови

Рамбо Амадеус - Луѓето се изневерени, власта пумпа национализам


Антоније Пушиќ, попознат под псевдонимот Рамбо Амaдеус, е музичар и текстописец, но и еколошки активист и амбасадор на УНИЦЕФ. Тој во интервју за Радио Слободна Европа, што го направи дописничката од Црна Гора, Лела Шќепановиќ, меѓу другото говори за порастот на национализмот во регионот, проблемот со бегалците и за глобалното уништување на природните ресурси.

РСЕ: На фестивалот „Лејк фест“ се собраа млади од целиот регион. Истиот оној регион во кој во последно време се разгоруваат националистичките страсти и некој вид на омраза, за која многумина велат дека потсетува на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Како го објаснувате тоа? Изненадени ли сте од начинот на кој течат работите во 2016 во регионот?

Работите се поинакви отколку во деведесеттите. Тогаш практично беше напуштен тој социјалистички дискурс и остана многу простор за таа, еуфемистички речено, „национална преродба“ во која сите жители на просторот на поранешна Југославија одеднаш добија простор да го пронајдат своето национално достоинство или наречете го тоа како сакате. Денес работите се поинакви.

Денес тој национален дискурс е потрошен, луѓето се изневерени, власта веќе не е сиромашна како народот, туку стана финансиска елита која всушност е манекен на најкрупниот капитал. Постои огромен јаз меѓу сиромашниот народ и богатите политичари. Во таа смисла, тоа што власта го сервира преку медиумите и пумпа национализам, тоа е само нивен обид да го свртат вниманието на луѓето од лошиот стандард, колку се незаштитени, колку е лошо здравственото и социјално осигурување и колку луѓето се оставени на ветрометина сами да се снаоѓаат.

Рамбо Амадеус за време на интервјуто за РСЕ.

Рамбо Амадеус за време на интервјуто за РСЕ.

Денеска всушност имаме апсурд народот да им е товар на властите. Дојдоа на власт, се наполниле со пари и сега мора да се занимаваат со „некаков си народ“. И сега што друго да им прават, освен повторно да им ја сервираат старата приказна за национална нетрпеливост. Колку ќе им успее, не знам, ама судејќи по младите луѓе кои дојдоа на „Лејк фест“ од сите краишта, мислам дека тие потполно ја презреле таа приказна.

Судејќи по знамињата во кампот, од југословенско до петокрака, па, „peace brother“ до тие со ликот на Че Гевара... иконографијата е како за време на работните акции во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век во Југославија.

РСЕ: Дали, во овој контекст во кој зборуваме, пристојните луѓе се малцинство или пак се помалку гласни?

Мислам дека пристојните луѓе се мнозинство, но само се тивки. Тоа е и одлика на пристојноста, човек да биде тивок. Луѓето треба да сфатат дека телевизијата и весниците се технолошки прегазени медиуми, нив ги прегази интернетот, а секој застарен технолошки изум ѝ е препуштен на некритичката маса. Како што не можеме да очекуваме некој да има бојлер на дрва, така не можеме да очекуваме еманципираниот човек да седи, да гледа телевизија и да чита наслови од жолтиот печат и врз основа на тоа да заклучува што се случува околу него.

Важно е да се знае дека телевизијата и весниците се технолошки надминати, морално амортизирани и дека се препуштени на критичката маса и врз основа на тоа не може да се формира никакво мислење. Секако, постојат и портали. И кога ќе ја исклучите навиката да гледате телевизија и да зјапате во насловните страници кога минувате покрај киоск, е тогаш стекнувате сосема друга слика.

РСЕ: Каква слика е тоа?

Тоа е слика дека младите ширум поранешна Југославија се измамени, изиграни, дека таа приказна која има нација во насловот секогаш води во некоја измама и некој нов грабеж и младите луѓе за тоа не даваат пет пари.

РСЕ: Кога станува збор за глобалните проблеми, факт е дека беглаците од Блискиот Исток со несмалено темпо доаѓаат во Европа, Европа се оградува со жица, а за несреќните луѓе кои бегаат од војна се формираат кампови. Како вие гледате на тоа, во контекст на тоа што Европа со децении наназад беше симбол на најотвореното општество. Што се случи со Европа?

Мене навистина ми е жал и мачно ми е да го гледам тоа. Меѓутоа, ми се чини дека не постои вистинско решение за тоа. Ајде да замислиме сега да се отворат сите граници и Европа да ги прими сите тие луѓе кои сакаат да дојдат. Јас сум сигурен дека половина од Блискиот Исток и Африка автоматски ќе се преселат во Европа. Што се однесува до мене, јас немам ништо против. Како човек, кој по своите хуманистички и политички определби е левичар, право да ви кажам, не давам пет пари ниту за држава ниту за нација, ниту за црква.

РСЕ: Јавните личности од земјата, регионот и од светот, меѓу кои и Вие, вложуваат напори да им објаснат на луѓето, политичките елити и на центрите на моќ за проблемите во областа на загадувањето на животната средина. Сепак стигна информација дека до 8 август луѓето ги потрошиле сите природни ресурси кои планетата ги создава за една годна. Како го коментирате тоа?

Ма не го потрошиле тоа луѓето. Не загадува оној Кинез со сламен шешир во оризовите полиња, ниту мојата баба која чува коза. Загадува профитот. Тоа е она што ние треба да го лоцираме – профитот и трката за профит директно ги црпат планетарните ресурси. И приказната дека тоа е борба за работни места е демагошка. Денеска секој човек со 100 квадратни метри бавча може да си произведе енергија и храна за себе и своето семејство, не му треба плата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG