Достапни линкови

Зошто светските политичари ја избегнуваат Македонија?


Светски државници ја заобиколуваат земјата при посетите на регионот и се задоволуваат со тоа што тука има мир. Никој не доаѓа во нормална посета, оти нема нормално водство, коементираат познавачите. Годинава дипломати ја посетуваа Македонија за да извршат притисок за излез од кризата.

Да беше Македонија успешна приказна со функционална автентична мултиетничка демократија, таа би била омилена дестинација на сите високи светски политичари при нивните посети на регионот, но досегашната политика придонесе да ја одбегнуваат и да се задоволуваат само со фактот дека во земјава владее мир. Ова се дел од коментарите на аналитичарите по повод дводневната посета на американскиот потпретседател Џо Бајден на Србија и Косово.

Поранешниот министер за надворешни работи и долгогодишен дипломат Денко Малески, вели дека Македонија наместо да се доближува, таа се одалечува од евроатланскиот пат, без оглед на реториката на македонската политичка елита.

„Ние константно одиме во друга насока, е сега ако не одиме во пресрет тогаш ќе не избегнуваат и главните луѓе во западната политика. И тоа е правило кое ќе продолжи се додека македонската политика не земе еден поинаков и сериозен курс во насока на евроатланските интеграции. Ама сериозно да се оди во таа насока, до тогаш ќе не избегнуваат“, вели Малески.

До пред десетина години Македонија беше лидер во регионот, а сега под водство на оваа власт заостанува зад речиси сите земји од Балканот, вели професор Мерсел Биљали.

„Зошто не доаѓаат во Македонија важни светски државници, одговорот е дека Македонија никој сериозно не ја посетува, ја посетуваат тие што треба да вршат притисок или да ургираат. Што значи дека никој не доаѓа во нормална посета кај нас, затоа што немаме нормално водство,“ изјави Биљали.

Политичката криза во Македонија во неколку наврати донесе дипломати кои што ги надгледуваа преговорите. Со највисок ранг политичари кои ја посетија Македонија беа американскиот државен секретар Викторија Нуланд и еврокомесарот Јоханес Хан.

Биљали додава дека по случувањата во Турција, Вашингтон ја засилува својата активност на Балканот.

„Тука е Србија како релевантен фактор на целиот Балкан, со неговото доаѓање, на тоа ниво, сакаат да ги поддржат и охрабрат реформските сили во Србија, а на Косово доаѓаат првенствено поради внатрешпно- политички прашања и околу демаркацијата на границата со Црна Гора, “ објаснува Биљали.

Поранешниот американски дипломат и стручњак за Балканот Џејмс Хупер во анализа за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа вели дека еден од показателите колку Балканот напредувал во последниве години е тоа што Бајден ги посетува Косово и Србија, а не е кризна ситуација и од неговото доаѓање не се очекува да спречи или да стави крај на војна. Според него лидерите на Косово треба да го убедат Бајден, кој останува на таа позиција до 20 јануари, дека можат да го задржат вниманието на стратешките теми за САД. Во тој контекст Хупер ја споменува и Македонија. Имено тој ги набројува безбедносните мерки во регионот, иднината на односите со Србија, заканите кои доаѓаат од нестабилноста во Македонија, експанзијата на симпатизерите на исламистичките милитанти во Косово и во соседството.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG