Достапни линкови

Турција добила „позитивни сигнали“ за екстрадиција на Ѓулен


Турција добила „позитивни сигнали“ од САД за нејзиното барање за екстрадиција на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, соопшти денеска шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, пренесува БТА.

Анкара го обвинува Ѓулен, кој од 1999 година живее во САД, дека стои зад спречениот обид за пуч од 15 јули.

„И натаму се подготвуваат документите (за екстрадиција) и ние почнавме да добиваме позитивни сигнали од САД како одговор на нашите барања“, изјави Чавушоглу на заедничката прес-конференција во Анкара со својот ирански колега Мохамад Џавад Зариф, без да прецизира за што точно станува збор.

Чавушоглу додаде дека Анкара подготвува нови документи за Ѓулен за да ги испрати во Вашингтон, во ситуација кога, според него, „целиот свет знае кој стои зад обидот за преврат“.

Анкара бара Вашингтон да го екстрадира Ѓулен и ги прекорува САД што досега не побрзаа да се зафатат со турското барање.

САД побараа од Анкара што побрзо да им достави „докази“, место „тврдењата“ против Ѓулен, кој, пак, негира секакво свое учество во превратот.

Делегација на американското Министерство за правда на 22 август ќе пристигне во дводневна посета на Турција, на средби со турските колеги за прашањето за барањето за екстрадицијата на Ѓулен, изјави на прес-конференцијата Чавушоглу, цитиран од американските медиуми.

XS
SM
MD
LG