Достапни линкови

Опасност од зарази во поплавените подрачја


Дури и кога ќе се отстрани калта, ќе остане прашина во која има измешано фекални бактерии од канализацијата, а секој допир со неа носи опасност од зарази, велат докторите.

И по неколку дена од поплавите во Скопско, сè уште се работи на терен во обид да се нормализира животот на настраданите. Иако за денеска беше најавена вонредна авионска дезинсекција против комарци на поплавеното подрачје, таа не беше спроведена поради силината на ветерот и неповолните временски услови. Прскањето е одложено за утре. Од Град Скопје информираат дека на терен се работи без застој со сите видови на механизација која во најголем дел е од јавните и државните претпријатија, а голем дел е помош од другите општини во Македонија, земјите од соседството, како и машинерија од домашни компании. Поради густата населеност во Сингелиќ, населбата е поделена во 14 региони и истите се координираат посебно.

„Од останатите населби каде што ја извлековме водата, се пушти и струја. Во Инџиково е пуштена електричната енергија секаде, а во другите населби етапно ќе се пушта. Водата е извлечена само во Инџиково, а на другите места се бориме со калта“, изјави Неделчо Крстевски од град Скопје.

Во вакви услови, оправдани се стравувањата од заразни заболувања во поплавените подрачја. Упатените посочуваат дека најголемиот проблем е калта зошто таа не може да се дезинфицира. Дури и кога ќе се отстрани ќе остане прашина во која има измешано фекални бактерии од канализацијата, а секој допир со неа, носи опасност од зарази на кожата“, објаснува доктор Никола Пановски.

„Кога би знаеле дека целото население е здравствено едуцирано, би можеле да се спречат зарази. Но, не можете сите деца да ги обучите одеднаш ништо да не допираат. Сите треба да имаат закачено на себе средство за дезинфекција и алкохол, брзо да ги тријат рацете, бидејќи немаат можност да ги мијат. Опасноста е поголема кај малите деца кои не разбираат. Месеци треба за да биде сигурно тоа, бидејќи некои од бактериите таму живеат кратко, а некои остануваат и до три месеци“, вели Пановски.

Тој вели дека најдобро би било населението да се евакуира сè додека темелно не се исчистат и исушат куќите. Сонцето е најдобар лек и ги уништува бактериите, но на влажно место тие опстојуваат долго, предупредува Пановски.

Во меѓувреме, од Црвениот крст информираат дека досега се дистрибуирани 14 илјади пакети со храна и дека сега се потребни хигиенски средства. Сузана Тунева Пауновска уверува дека сè што е наменето за Црвениот крст го координира Црвениот крст, но хуманитарна помош добива и локалната самоуправа во Гази Баба и Владата, и потоа Кризниот штаб на своите состаноци ја координира целата таа помош.

„Црвен крст има два собирни пункта. Тоа се Момин Поток и Наум Наумовски Борче. Тука се прима робата, се пакува. Дистрибуцијата на роба во изминатите денови ќе оди од куќа на куќа, амбулантно. Од понеделник ќе започнеме со мали проценки и ќе се фокусираме да се поминат сите куќи во поплавените подрачја. Точно е дека не може да се постигне сè во исто време и бараме малку трпение и од населението и се надевам дека во најскоро време ќе ја добијат потребната помош“, вели Пауновска.

Прилив на дополнителни донации има и од повеќе фирми од Македонија, но и од странство. Од Австрија, Германија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција, од комисијата на Европската Унија. Вчера помош пристигнала и од Кина во вид на поголем број ќебиња и душеци, а пристигнале и екипи и возила за спасување од Истанбул, составени од 32 лица и 11 возила и механизација.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG