Достапни линкови

Според Државниот завод за статистика, лани во Македонија имало 816.000 туристи од кои 485.000 биле странски. Овие бројки треба да бидат двојно поголеми, велат туристичките работници.

Не е драматично зголемувањето на бројот на туристи кои ја посетиле Македонија, но оваа сезона на крајот ќе ја процениме како подобра од минатата, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, долгогодишниот туристички работник Ангел Иванов. Тој наведува и дека бројките не се олимписки, туку локални и тој би бил задоволен со 2 милиони туристи годишно. Според Државниот завод за статистика, лани во Македонија имало 816.000 туристи од кои 485.000 биле странски. Охрабрувачки е, наведува Иванов, што земјава се наоѓа во друштво со туристички велесили на Балканот.

„Имаме од каде да видиме и да препишеме, но тоа треба да се прави брзо и умно и тоа е олеснителната околност за нас. Не треба да одиме во Америка и Австралија за да видиме како се прави туризам. Нашите, додека ние разговараме, половина Македонија е во Грција, една третина е во Бугарија, а една четвртина е во Албанија. Замислете една Албанија која беше земја на еден милион бункери сега е земја на еден милион хотели. Се работи и се движи и нејзиниот промет се брои во милијарди, не милиони“, вели тој.

Професорот Науме Мариновски смета дека зголемувањето на бројката на странски туристи се должи на преземените мерки. Тој истакнува дека Македонија сè уште не ја достигнала бројката на туристи од 1989 година и на земјата и се потребни еден милион странски туристи годишно, но потребен е голем напор за тоа да се реализира. Според него, Македонија не може да се спроведува со соседните земји кои имаат море.

„Напредокот во туризмот и другите пропратни гранки на економијата во Република Македонија треба пред сè да ги бараме во нашата организираност на инфраструктурните објекти. Дефинитивно, тоа е првото скалило на кое мора да се качиме за да направиме исчекор кон повисоки дострели кои би биле наша стратешка цел“, вели тој.

Но, според Иванов, развојот на туризмот оди бавно бидејќи луѓето не сакаат да работат, при што државата не ги поттикнува доволно, а платите и парите се само изговор.

„Болно е што во Македонија од север до југ во трансферзалата до Грција минуваат по два милиони туристи во сезоната од два месеци. По еден фишек семки да им продадеме ќе ни треба увоз на семки“, вели тој.

Најпосетена дестинација во Македонија е Скопје, па потоа Охрид, а најмногу туристи имало од Турција, Грција и Србија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG