Достапни линкови

Поплава - ќе има ли кривична одговорност?


Освен морална и политичка орговорност, треба да се утврди и дали во дејствијата на надлежните органи во врска со поплавата има кривични дела поврзани со небрежност. Во светот има примери кога за слични дела властите одговарале.

Неисчистени канали, немање канализација, ненавремено предупредување, бавна првична реакција се само дел од работите што би требало да бидат предмет на истрага со која ќе се утврди дали надлежните имаат и кривична одговорност.

Според професорката Мирјана Најчевска во катастрофи со волку голем број жртви и индиции дека се направени пропусти во многу сегменти кај многу институции, потребно е формирање на посебно и независно тело кое ќе започне повеќе слојни истраги и експертизи.

„Некои од тие експертизи ќе влечат надолу со години, дури и пред оваа влада, за да се види што и како се правело во континуитет и кои се пропусти свесно, намерно или ненамерно се направени“, вели Најчевска.

Но во моментов, додава таа, разурнат е целокупниот државен систем, а институциите разнишани, што едноставно ние ги имаме изгубено дури, како што вели, основните прерогативи за државност.

„Еден од показателите на руинираноста на системот е несоодветната, неорганизирана, хаотична на еден, условно кажано, навистина мал проблем. Не може еден пороен дожд да се смета за катастрофа од такви размери за една држава да биде здрмана до темели“, вели Најчевска.

За да се утврди кривична одговорност треба да се испитаа и добро да се утврди во дејствијата на надлежните органи дали има кривични дела поврзани со небрежност сугерира и професорот Осман Кадриу.

„Според мене сепак потешко може да се утврди кривична одговорност од колку политичка и морална одговорност, така што во надлежност на владата е ова прашање да го отвори за да се расчисти политичката и моралната одговорност. За кривичната одговорност, сепак-сложено прашање е тоа“, вели Кадриу.

Во меѓувреме по реакциите во јавноста за несоодветната постапка и при предавањето на семејствата на телата на 22 загинати од невремето во саботата, дежурниот јавен обвинител соопшти дека не наредил обдукција на телата на жртвите, бидејќи немало сомнение за сторено кривично дело.

Во Хрватска, пак, пред три години регионалното јавно обвинителство бараше и притвор за шест вработени во хрватска автопатна служба поради несреќа во тунел во која загинаа три лица, а 18 беа повредени. Се бараше одговорност од нив поради тоа што причината за несреќата бил неисчистен мраз на патот. Локалните власти од мал западен град во Франција се соочија и со судење поради негрижа која донесе до 29 жртви во поплавите во 2010 година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG