Достапни линкови

САД го осудија насилството во косовскиот Парламент


Американскиот амбасадор на Косово, Грег Делави изјави денеска дека е длабоко разочаран од насилството за време на состанокот на Комисијата за надворешни работи во косовскиот Парламент, на кој членот на движењето Самоопределување, Дритон Чауши фрли солзавец.

„Разочаран сум што еден член го искористи насилството за политички цели. Морам да кажам дека минатонеделната дебата за демаркацијата покажува како треба да изгледа демократијата. Солзавецот не е демократија“, вели Делави.

Договорот за демаркација на границата со Црна Гора, кој е потпишан минатиот август во Виена, треба утре да се најде на дневен ред на косовскиот Парламент.

Овој документ е многу важен за Приштина, бидејќи од неговото усвојување зависи дали Брисел ќе одобри визна либерализација за косовските граѓани.

XS
SM
MD
LG