Достапни линкови

Околу пет илјади семејства оштетени од невремето


Околу пет илјади семејства од 12 населени места во скопско се оштетени од невремето во саботата, соопштија денеска македонските власти. Државниот секретар во Министерството за земјоделство, Бесир Јашари, вели дека стручни екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обештетени, рече тој.

Резултатите од проценката ќе бидат доставени до Бирото за судски вештачења, ќе се ревидираат по што ќе следува и исплатата за уништените површини и добиток.

„Луѓето ќе ги добијат средствата, но, за жал, жртвите не можат да се вратат“, рече државниот секретар Бесир Јашари.

Според Јашари, причина за последиците од поројниот дожд не се одводните канали зашто тие, како што вели, редовно се чистат, не само од Министерството за земјоделство, туку и од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од Град Скопје информираа дека пумпи за извлекување вода се распределуваат во Инџиково. Распоредени се стотина пумпи за извлекување на вода од поплавените подруми и дворови, а се очекува во текот на денот да бидат распоредени уште.

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски очекува дека утре ќе бидат испразнети сите поплавени простории во Инџиково. Тој најави декаќе бидат распределени по 350 пумпи и во населените места Синѓелиќ и Стајковци.

XS
SM
MD
LG