Достапни линкови

logo-print

Ердоган и неговиот пријател Путин


Турскиот претседател Ердоган во посета на Русија за да ги поправи односите со Кремљ, пишува Мајк Екел. Каква разлика можеа да направат неколку месеци во односите меѓу Анкара и Москва и каков одраз имаат тие врз САД и ЕУ?

Во ноември минатата година, ден откако турски авиони урнаа руски Су-24 по должината на границата со Сирија, рускиот претседател Владимир Путин луто го нарече инцидентот „нож во грб од соучесниците на терористите“.

Неговиот турски колега, Реџеп Таип Ердоган, тогаш, на нему својствен начин, одговори: „Мислам дека ако некој треба да се извини, тоа не сме ние, туку оние кои ги прекршиле нашиот воздушен простор“.

По сè што се случи, денеска на 9 август, Ердоган во Санкт Петербург ќе се сретне со човекот што тој, во интервју за руската новинска агенција ТАСС, во пресрет на патувањето го нарече „мојот пријател Владимир“.

„Ова ќе биде историска посета, нов почеток“, рече Ердоган.

По смирувачките сигнали од Анкара, Кремљ е убеден дека Ердоган сака да ги закопа секирите и да ги возобнови релативно робустните трговски односи меѓу двата соседи на Црното Море.

Економски губитник

Економски, Турција беше во голема мера губитник во ќор-сокакот со Русија, со воведените казнени мерки и забраната на своите државјани да летуваат во Турција.

Русите беа втората по големина група туристи, по Германците, а во 2014 потрошија околу три милијарди долари, што е околу 0,4 отсто од Бруто домашниот производ на земјата, според податоците на Европската банка за обнова и разво (ЕБОР).

Русија, исто така забрани увоз на турска храна и производи за широка потрошувачка, ги намали дозволите за камионски сообраќај, а презеде и други мерки кои ЕБОР процени дека ќе ја чинат Турција меѓу 0,3 и 0,7 процентни поени од турската економија во текот на 2016 година.

Спротивно на тоа, во Русија економски ефект од ќор-сокакот е минимален.

За многумина посматрачи, под површината на средбата Путин - Ердоган, уште поважен е геополитичкиот аспект во светлина на обидот за државен удар во Турција.

Кој кого ќе надвладее или работат во тандем?

Путин и Ердоган имено се надеваат дека ќе ги унапредат нивните интереси со помош на другите.

„Ова не е за тоа кој ќе надвладее, тие навистина работат во тандем“, рече Ана Боршевскаја, научник во вашингтонскиот Институт за блискоисточна политика.

„Државниот удар му помага на Ердоган да ја консолидира власта, а тој во суштина со приближувањето кон Путин го уценува Запад, а од сето тоа корист има Путин“, вели таа.

Аналитичарот Халил Каравели, кој е на чело на програмата Турската иницијатива, која е поврзана со Универзитетот Џон Хопкинс, вели дека Турција во однос на Русија внесува нови променливи и сложени пресметки за блискоисточната политика. А особено што се однесува на Сирија, рече Каравели.

Ердоган одамна е гласен противник на сирискиот претседател Башар ал-Асад, кого Русија го поддржа во граѓанска војна која трае повеќе од пет години.

Но, Ердоган, исто така, се противи на растечката моќ на курдските милиции, врз кои САД се потпираат во голема мерка во Сирија. Кремљ, пак, даде поддршка на најмалку една курдската милиција, но ќе биде среќен да има криза која ќе го остави режимот на Асад на власт.

Комплексни пресметки

Во меѓувреме, неуспешниот државен удар во Турција создаде потенцијален клин за Русија против САД, бидејќи и некои членови на владата на Ердоган сугерираа дека САД се вмешани во државниот удар.

Изјавата на шефот на Централната команда на САД, кој изрази загриженост дека масовните чистки во турската војска може да ја ослабнат кампања во Сирија, исто така, ги налути турските владини претставници.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пак изрази силна поддршка за Ердоган и државниот удар го спореди со „Евромајдан“ протестите во Украина, што го принуди претседателот Виктор Јанукович да избега во 2014 година. Јанукович се смета за сојузник на Кремљ.

Плус дел од проблемот е свештеник Фетула Ѓулен, кој живее во Пенсилванија и за кого Анкара тврди дека стои зад ударот, а САД ги отфрлаат турските барањата за негова екстрадиција.

Грижата за заладените односи со владата на Ердоган го мотивирало американскиот генерал Џозеф Данфорд, да ја посети Турција на 1 август.

Според аналитичари ова е порака до Вашингтон во стилот „Еј, ние можеме да зборуваме и со другите, вие не сте нашата единствена опција“, вели аналитичарот Каравели.

Аналитичарката на фондацијата Карнеги во Москва, Лилјан Шевстова, вели дека што се однесува до Европа, таа се бори со милиони бегалци од Сирија и од други места и суштински и плаќа на Турција околу 6,8 милијарди за сместување на бегалците.

Ердоган „разбира дека Западот е зависен од него. На Америка и требаат НАТО бази во Турција и нејзиното членство во Алијансата“, напиша таа во коментарот на нејзината Фејсбук страница. „Европа е уште позависна, затоа што Ердоган има изградено ѕид кој ќе ги спаси Европејците од милиони бегалци“.

„Ако тој реши да ја отвори границата, што ќе направи Европа?“, напиша Лилијен Шевстова.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG