Достапни линкови

Ердоган: Имаме докази за вмешаност на Ѓулен во пучот


Турција располага со неспорни докази дека исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен издал наредба за бомбардирање на Парламентот во Анкара, во текот на обидот за преврет на 15 јули, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во интервју за Ал Џазира.

Ердоган нагласува дека Турција ваквите докази веќе му ги доставила на Вашингтон, барајќи од САД да го екстрадираат Ѓулен кој живее во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија.

Според Ердоган, Ѓулен е „не премногу паметен човек, кој раскажува приказни за пророштва и манипулира со оние кои го слушаат“.

„За жал има и такви кои му веруваат, инвестирајќи голем капитал во него и искористувајќи го Исламот. Самиот тој во интервју за една египетска телевизија призна дека поседува училишта во 170 држави. Во нив се образуваат деца на лидерите и на одговорни лица во тие држави, со цел да бидат потчинети на неговите цели“, изјави Ердоган.

Осврнувајќи се на апсењата и отупштањата од работа по обиот за воен удар во Турција, Ердоган вели дека тој „не е диктатор или деспот“, туку дека „ја користи власта за да раководи со земјата за нејзино добро“.

„Јас никогаш не сум го злоупотребил парвото кое ми е дадено од турскиот народ. Јас не сум деспот или диктатор. Ги користам правата кои ми се дадени според Уставот. Тоа е принципот на Тајип Ердоган. Сакам целиот свет да го знае тоа“, вели турскиот претседател.

Ердоган и натаму го критикува Западот поради, како што вели „неговото молчење во врска со обидот за преврат.“

„Западот не покажа дека е против обидот за преврат, Не можеме да им простиме за нивниот молк. Само ни рекоа „минавте низ премрежие“, а потоа почнаа изјавите од странство дека апсиме претерано многу луѓе, војници и обвинители. Немате право да го критикувате системот, ако не сфаќате што точно се случува во Турција“, им порача Ердоган на западните лидери.

Тој се осврна и на неговата претстојна посета на Санкт Петербург на 9 август и најавената средба со неговиот руски колега Валдимир Путин, за кого изрече пофални зборови, додавајќи дека му се јавил веднаш следниот ден по обидот за воен удар.

„Мојата посета на Русија е важна за регионот. Турција е важна и силна држава. Русија исто така е силна и голема држава. За регинот е значјано ние да бидеме едни покрај други“, вели Ердоган.

Тој во интервјуто ја обвинува и ЕУ дека не ги исполнува обврските што ги презела со договорот за запирање на мигрантскиот прилив.

„За да бара од Турција да ги исполни своите обврски, ЕУ прво треба да да ги исполни дадените ветувања. Досега ЕУ не напарви ништо.“

XS
SM
MD
LG