Достапни линкови

logo-print

Јовановиќ - Уметноста е менување на стварноста!


Јас лично нималку не сум за тихување. Не сум да се отќути она што ни се случува. Кој е начинот на кој тоа јас лично го искажувам или го правам е мој личен однос. Дали е тоа учество на протестите, настапи по медиуми, што и да е, мислам дека на крајот најјакото е она што ќе го искажам во она што ќе го направам. Самото создавање на нешто е секако промена на реалноста, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа, Дориан Јовановиќ, музичар кој во изминативе повеќе од две децении е еден од стожерните творци на она што зад себе како звучен документ од времево го оставаат групите СТРИНГ ФОРСИС и ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ.

По долго време, безмалку седум години, основното јадро на СТРИНГ ФОРСИС – Јовановиќ, Александра Мангаровска Миличевиќ и Александра Кузман, во засилена постава со Александар Стојанов Зорин, Дамјан Темков и Благојче Пенов, со два нови сингла, го најавуваат обелоденувањето на петтиот студиски албум. Зошто толкава пауза помеѓу двете објави?

Пред сè, некако сублимирано одговорот би бил - постари сме. Во овие седум години, неколкумина од нас станаа родители – еднаш или повеќе пати, потоа никој на таков начин не живее од оваа група. Составот е ентузијазам и екстра работа во животот на сите нас и на таков начин функционираме. Сето тоа прави среќавањето во групата да биде неколку пати неделно во најдобар случај. Сето тоа прави темпото на работа во групата да не може да биде исто како порано. Родителството исто така менува. Колку и да филозофираме дека е исто, не може да биде исто затоа што перспективата на времето и приоритетите се менуваат на таков начин што времето што може да го посветиме на други работи потполно има друга димензија. Тоа е суштината. Нема некои големи филозофии – зошто. Причините се прозаични.

За СТРИНГ ФОРСИС, како една од предводниците на современата македонска сцена, е бележито дека на суптилен начин го отсликува времето во кое твори. Колку она што се случуваше во изминатиов бурен период од нашето живеење беше инспиративно за вас како автори? Ќе се почувствува ли тоа во вашата нова звучна слика?

Сигурно ќе се почувствува. Сите ние живееме во таа реалност на сето тоа што се случува околу нас. Никој од нас на таков начин барем не е свесно слеп и глув. Тука, во овој состав барем, таа сурова реалност ни мава шлаканици секојдневно и на таков начин мора да се отслика во она што го правиме. Дали тоа можеме да го наречеме инспиративно, бидејќи да кажеме инспиративно е „нешто што е убаво“, во овој случај дали е тоа мотив да направиме нешто околу тоа – се разбира да, затоа што сите ние што сме во групава работата ја чувствуваме како канализирање на сите емоции што ги имаме во животот и што бараат начин да се изразат некаде и да не станат нешто друго што може да биде полошо по нас самите.

Како културни дејци, но уште повеќе како обични луѓе чија судбина е врзана со ова општествено милје сигурно изградивте сопствен став кон нештата. Кон животот во оваа Македонија и ова Скопје кое постепено, но сигурно исчезнува пред нашите очи. Притоа го претпочитавте тихувањето или можеби канализирањето на гневот. Може ли со уметност да се менува стварноста?

Самата уметност е менување на стварноста. Самиот момент на творештво е веќе промена на некаква стварност. Може да е само за мене лично, за тие коишто ми се блиски или може да биде и за тие коишто се пошироко. Дали можат уметниците да направат промена во општеството сами по себе, тоа е пошироко прашање кое бара и подолга дискусија. Меѓутоа самото создавање на нешто е секако промена на реалноста. Реалноста влијае на нас, ние влијаеме на реалноста. Не можам да зборувам за сите поодделно во групата, меѓутоа јас лично нималку не сум за тихување. Не сум да се отќути она што ни се случува. Кој е начинот на кој тоа јас лично го искажувам или го правам е мој личен однос. Дали е тоа учество на протестите, настапи по медиуми, што и да е, мислам дека на крајот најјакото е она што ќе го искажам во она што ќе го направам. И од друга страна е најтрајно затоа што ќе остане. Тоа е за мене лично. Другите можеби имаат свои начини, меѓутоа сложноста е во тоа дека – ДА, го искажуваме револтот од она што ни се случува – вака или онака. Реагираме на сето тоа. Го кажуваме сето тоа. Некој повеќе, некој помалку, но сите го правиме тоа. Во тој контекст, ова насилна промена во некаков Франкенштајн којашто ни се случува со Скопје е можеби само една видлива причина или еден видлив мотив, или инспирација за она што сме го сработиле или ќе го сработиме. На она што реагираме. И не само ние, туку и поширокиот круг на луѓе околу нас. А, градот,Скопје онакво како што јас сум го запознал, дефинитивно одумира. Мене ми е животот така организиран што повеќето од работите во текот на денот ми се случуваат во овој мој крај, во Капиштец. Работното место ми е исто овде и сè што ми треба е во овој дел од Скопје и одењето во Центар ми е како да одам во некој друг град, во некоја друга држава. Тоа не е тој град којшто го знам. Чии улици многупати сум ги измерил и каде што ноќе сум талкал. Во објекти коишто сум свирел, а кои денес не се ни во сеќавањата на луѓето, а камоли да постојат местата. Сето тоа те тера нешто да направиш. Затоа што она што го гледаш е само една голема евтина приказна од гледна точка на некаква уметност или историска релевантност, а од друга страна е една за некого добра причина убаво да нè опљачкаат.

Дали во овој контекст доаѓа и Вашето присуство на прогресивни манифестации како ДРИМОН или уште повеќе како учесници во Караванот на слободата?

Гледано од една широка рамка – да. Пред сè, како што реков, ние сите реагираме на она што се случува околу нас и го искажуваме нашиот став околу сето тоа. И она што нашето присуство на фестивали и манифестации од овој тип значи е поддршка на таа идеја. Поддршка на идејата дека ни треба промена за да излеземе од оваа општествена закоченост којашто две години нè држи закочени, а десет години нè враќа назад и којашто е чисто личен политички став дека не може веќе вака. Тоа не е поддршка, сега не го кажувам ова со цел да се дистанцирам, меѓутоа барем кај нас во Македонија работите многу лесно се врзуваат дека поддршка на идеја е поддршка на личности. Ние ја поддржуваме идејата за промена, а личностите коишто учествуваат во сето тоа се сега, тука, менливи, задутре нема да ги има, меѓутоа идејата ќе остане иста. Барем за мене, а за другите не би знаел.

Верувате ли дека се можни промените во светов во кој наново започнаа да царуваат малите богови? Во кој се изместија вредностите и каде што сè е подредено на парите. На моќта на манипулација и поигрување со човечките судбини.

Онака како што изгледа кога сме во тој маѓепсан круг е дека на некаков начин излез од тоа нема. Она што технологијата и поврзувањето донесоа е таа, да кажам, масовна контрола и манипулација до ниво дека сè практично е спектакуларно. Сè е спектакл. И во таа спектакуларност сите сме изманипулирани со некакви ситни дневни потреби на оние што ја поседуваат моќта. Преку парите пред сè. На некој начин олигарсите. Меѓутоа уште 1967 година Ги Дебор напиша една книга која што се вика „Општество на спектаклот“ и каде што практично, не во смисла на некакво претскажување, меѓутоа како да го видел патот по кој што оди општеството и моќта на манипулацијата и каде сето тоа може да заврши. Мислам дека едната нормална реакција би била сето тоа да го отфрлиме и дека ќе мора да се вратиме малце назад. Да се вратиме кон некакви побазични вредности на човечката комуникација, на човечките односи, на довербата, на искреноста за кои мислам дека масовно недостигаат. И дека тоа е основата каде што сета оваа голема манипулација на некаков начин се случува. Е, сега дали може тука уметниците да помогнат. Можат на еден индиректен начин. Ние може да ја отсликаме таа реалност на различни начини – со карикатури, со потсмев, со сарказам, со текст, драма, музика. Можеме да ја отсликаме чисто за да ги отвориме очите. За повеќе луѓе да почнат појасно да гледаат што се случува. Толку. Ако тоа не може да се случи, тогаш веројатно сликата нема да заврши оптимистички. Ќе биде обоена со тежок песимизам.

Со какви очи гледате на иднината? На сопственото творештво. На пренесувањето на идеите и позитивните пораки до публиката. Вреди ли да се биде упорен во тоа? Во потребата да се биде слободен и свој.

Па, јас мислам дека вреди. Ако не за нас самите, тогаш за оние што доаѓаат после нас. Каков свет сакаме да им оставиме. Јас лично не би сакал да им оставам ваков свет на поколенијата. Она што можам да го направам за да се смени ќе направам, ама со таа прогресија со која тргнало, ако продолжи, тоа нема да биде убав свет за живеење. Барем така мене ми изгледа.

Конечно СТРИНГ ФОРСИС, покрај готовиот документарец за делувањето на бендот досега, најавува и една несекојдневна соработка во иднина. За што се работи? Колку тоа може да влијае на вашата засилена активност во периодов пред нас?

Некаде на почетокот на есента албумот за кој сè уште немаме име ќе биде објавен. Веројатно пред таквиот чин, ќе следува уште еден сингл кој ќе биде во функција на негова најава. Инаку, има неколку соработки што се во план. Некои се тука поблиску, некои малку подалеку. Добро е што ги има тие подалечните за да има некаква цел за којашто бендот ќе продолжи да се бори. А, во контекст на тоа што го спомнав, некаквите базични вредности, таа соработка што ја спомнуваш ќе биде во таа насока. Во насока на некакво навраќање кон побазичните вредности на македонската поп музика за кои мислам дека денес се тотално изгубени и заборавени. Нормално тоа не ги вклучува сите, но мислам дека на некаков начин повеќето луѓе не се ни свесни за таа историја. А, потоа ќе следува документарецот. Некаде веројатно во ноември би била неговата премиера и понатаму, на пролет, треба да се случи еден позначаен концертен проект кој сега за сега би го оставил само на таа најава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG