Достапни линкови

logo-print

Не барок за ГТЦ, се реконструира Паркот Жена-борец


По шпекулациите дека почнува да се гради барокна фасада на ГТЦ, Град Скопје соопштува дека оградите се поставени поради обезбедување на просторот за вршење на градежни работи за реконструкција на Паркот Жена борец.

Од утрината и официјално започна реконструкцијата на пешачките патеки во паркот „Жена борец“, a според најавите од Град Скопје предвидено е да се постави и ново осветлување, зеленило и нова урбана опрема. Тоа што синоќа се поставија огради околу паркот пред Градскиот трговски центар, предизвика бројни реакции кај граѓаните по социјалните мрежи. Шпекулациите дека тоа се прави со цел да почне поставувањето на барокна фасада на ГТЦ, денеска го демантираа од Град Скопје. Од таму соопштуваат дека оградите се поставени поради обезбедување на просторот за вршење на градежни работи за реконструкција на Жена борец.

Но, сè уште збунети и недоволно информирани за тоа што се работи, граѓаните што ги сретнавме во паркот револтирано реагираат на идејата ГТЦ да се облече во барок или да се трошат пари на градежни работи кои не се приоритет.

„Ова е стар спомен од земјотресот, треба да си остане по старо. Не е лош трговскиот. Зошто пари да се трошат за непотребни работи? Нека дадат на сиромашните.“

„Сè што се гради е убаво, само не сега. После 50, 60 години, ако постигнеме стандард.“

„Јас работам во ГТЦ и мислам дека треба нешто да се смени. Не функционира трговскиот, сè е старо, нема што да ги привлече луѓето.“

„Убаво е и вака, ама тие што решиле да прават, ќе си го направат своето.“

„Мислам дека само се трошат пари, се краде, ништо не се прави. Што ќе ми се споменици, кога народот гладува!“, велат анкетираните граѓани.

Паниката кај граѓаните настана, откако во почетокот на јули, Владата ги прогласи за објекти од посебен интерес ѝ ја одзеде ингеренцијата на општина Центар за ГТЦ, за Македонската опера и балет и Националната универзитетска библиотека Св. Климент Охридски, заради изработка на планско урбанистичка документација за нив. Со статусот објекти од посебен интерес, за овие објекти Општината нема никакви ингеренции.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија реагираше дека тајмингот не е случајно одбран, во време на летни одмори за да се оствари замислата за барокизација на ГТЦ, без поголеми реакции во јавноста.

Досега против ваквата замисла се организираа низа активности, настани и собири. Се роди иницијативата „Го Сакам ГТЦ“, а во општина Центар се организираше и референдум кој заврши без потребниот цензус.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG