Достапни линкови

Што мислат младите Арапи за нападите во Европа?


Нападите на ИД во Европа и младите на Блискиот исток
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

Нападите на ИД во Европа и младите на Блискиот исток

Зголемувањето на бројот напади на милитантите на Исламската држава во Европа би можело да ја уништи репутацијата на муслиманите во светот. Ова го велат некои од младите на Блискиот Исток кои исто така сметаат дека нападите ќе и наштетат на интеграцијата на муслиманите во Европа.

Кои се причините за зачестените напади на ИД во Европа и какви се можните решенија? Новинската агенција Ројтерс овие прашања деновиве им ги постави на неколкумина млади во Алжир, Либан и Египет. Во Алжир, 23-годишниот Насредин смета дека нападите го уништуваат угледот на исламската вера.

„Тоа е многу лоша работа. Тие ни ја уништуваат нашата репутација и репутацијата на нашиот регион. Тие мислат дека ние муслиманите сме лоши луѓе“, вели тој.

Со ова се согласува и 18-годишната Асија.

„Искрено, не можам да најдам зборови колку е грдо убивање луѓе на таков начин. Тие го оцрнуваат нашиот имиџ. Тие прават сите да мислат дека сме како терористите, но не сме“, вели таа.

Некои млади во Либан, пак, велат дека мора да се преземат мерки за ограничување на финансирањето на џихадистичките групи.

„Треба да престанеме да ги финансираме и да му помагаме на екстремизот. Екстремизмот е тој што го уништува светот“, вели либанскиот адвокат Калед Мерхеб.

Според либанскиот аналитичар Макрам Рабах, главен проблем е интеграцијата на муслиманите на Западот:

„Најголем проблем или најголем предизвик за овие земји е нивната неспособност овие луѓе кои потекнуваат од исламските или арапските земји да направат да се чувствуваат како дома“, вели тој.

Во Каиро, 29-годишниот египетски актер и музичар Адам Зидан вели дека решението лежи во справувањето со екстремизмот:

„Пред да може да се реши проблемот, мислам дека треба да бидат решени некои основни прашања за тоа што ги радикализира овие луѓе, без разлика дали тие се анархисти или ултра конзервативни фундаменталисти“, вели тој.

Египетскиот новинар Сара Ахмед смета дека е интересно тоа што милитантите систематски напаѓаат европски земји, особено оние кои имаат висок степен на прифаќање бегалци.

„Третата и четвртата генерација на муслиманите во Европа се оние кои имаат тенденција да се радикализираат повеќе, бидејќи тие не можат да се интегрираат во општеството, а во исто време, не можат да им се вратат на нивните оригинални култури“, вели тој.

Младите на Блискиот Исток сметаат дека кога некое малцинство се чувтсвува интегрирано, тогаш тоа не дејствува надвор од системот, бидејќи нема причина да го прави тоа. Во Европа се крена алармот по серијата напади во Франција и Германија за кои одговорноста ја презедоа милитантите на Исламската држава.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG