Достапни линкови

logo-print

По 300 капачи дневно во дивата бања Стрновац


Луѓето ја посетуваат дивата бања во Стрновац особено во летните месеци. Велат дека топлата вода е лековите, но местото со години е запуштено.

Со температура од 39,5 степени Целзиусови, за 50 денари билет и капење дење или ноќе, геотермалниот извор лоциран во непосредна близина на реката Пчиња, во атарот на селото Стрновац, Општина Старо Нагоричане, не е само лековит, туку релаксира и опушта, а за тенкиот семеен буџет замена е и за некоја друга туристичка дестинација. И тоа не само за населението од Кумановско, туку и за оние од кривопаланечко, кратовско, како и за соседите од јужна Србија. Бањските капачи во бањата пристигнуваат со сопствен, но и со организиран превоз, за еднодневен престој.

„Во летниот период, кога е сезона, мај, јуни, јули, август за едно деноноќие има по 200 до 300 капачи. Луѓето постојано доаѓаат, а и ние работиме во две смени. Влезницата од 50 денари важи за 12 часови. Дење има повеќе капачи бидејќи главно се повозрасни луѓе“, вели Горан Крстиќ, вработен во ЈП „Козјак“ во Општина Старо Нагоричане.

Лекар балнеолог во бањата ниту имало, ниту пак некој размислува за такво нешто, а и во Македонија својствата на водата не се испитувани. Затоа капачите за лековитоста на водата се информираат сами. Според дамнешни анализи направени во Белград, кои неофицијално се пренесуваат, водата е од категоријата на натриум-хидрокарбонатно-флуоридно силициумско термални води. Затоа е благотворна за воспалени ревматични заболувања, состојби по повреди, по корективни ортопедски зафати, при заболувања на периферни артериски садови, повреди на периферни нерви и инфицирани заболувања. По составот и температурата на водата се споредува со Бујановачка Бања во Србија.

„Триесет години доаѓам. Ефект во смисла со проблмот со здравјето што го имам, нема, но мојот терапевт кој со мене работи кинези-терапија вели дека подвижноста и еластичноста се подобрува“, вели еден кумановец.

Тој вели дека доаѓа кога има време.

„Ова ми доаѓа како замена за одмор. Кој нема пари за море, ќе дојде овде и ќе се опушти во топлата вода“, додава тој.

Кумановка, која по хируршка интервенција на рбетниот столб една деценија редовно доаѓа во бањата, вели дека подобро се чувствува потоа.

„Мислам дека ми помага, а одам и во Струмица. Ме попушта малку и шест месеци е подобро, бањата само ја одржува состојбата“, вели таа.

Кривопаланчанецот Грозде Христов со семејство првпат доаѓа во бањата.

„Велат дека е лековита за реума. Имам проблеми со нозете“, вели тој.

Поради неупатеноста, бањските капачи по направените бањи во термалниот извор се разладуваат под дебела сенка, а упатените велат дека во такви случаи водата нема делотворност.

Термалниот извор познат како дива бања покрај реката Пчиња, среде бујна вегетација на козјачко-пчињскиот регион, на 15-ина километри од Куманово, по регионален асфалтен пат за Крива Паланка, на само три километри од селото Старо Нагоричане, ги има сите предиспозиции да стане голема туристичка атракција. И покрај настојувањата на локалната самоуправа на која припаѓа, поради нерегулираното речно корито, таа безмалку еднаш годишно е поплавувана и пустошена. Освен монтажни објекти во кои посетителите можат да се освежат со пијалаци, друго ништо нема. А нема ниту висока свест кај поголемиот дел од капачите кои поради непостоечки садови за смет, отпадот го фрлаат насекаде.

Овој термален извор, жителите, не само од селото Стрновац, туку и од околните села за лекување, но и за релаксација го користат во текот на целата година, дури и зиме кога температурите се многу ниски. Тие од генерација на генерација пренесуваат најразновидни приказни за лековитоста на водата, а некои пак велат и дека таа го ревитализира организмот и го подмладува.

Зошто овој лековит извор не може да наликува на вистинска бања, прашање е кое сите од капачите го поставуваат. За тоа надлежноста е на државата, а локалната самоуправа презема мерки само да го одржува во пристојна состојба.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG