Достапни линкови

logo-print

Можен тероризам зад нападот во Лондон


Една жена загина, а петмина други беа ранети од човек за кој полицијата соопшти дека имал ментални здравствени проблеми и кој нападот го изврши со нож синоќа во центарот на Лондон. Сепак, полицијата не ја исклучува можноста нападот да имал и терористички мотиви.

Полицајците околу 22 часот и 30 минути биле повикани да дејствуваат откако човек вооружен со нож почнал да напаѓа луѓе на лондонскиот плоштад Расел, место во близина на самоубиствениот напад извршен во 2005 година.

„Првичните индикации сугерираат дека менталното здравје е значаен фактор во овој случај и тоа е една од главните насоки на која се одвива истрагата“, изјави помошник комесарот на лондонската Метрополитен полиција задолжен за антитероризам Марк Роули, додавајќи:

„Но, секако во оваа фаза треба бидеме отворени во врска со мотивот, а следствено на тоа и дека би можело да се работи за тероризам“.

Истрагата се води од Одделот на убиства, но со помош на полицајци задолжени за контра-тероризам.

Полицијата која пристигнала пет минути по повикот употребила пиштол со елетрични шокови при апсењето на 19 годишниот напаѓач.

Жената била третирана на местото на нападот, но лекарите не успеале да и го спасат животот.

​„Другите повредени, една жена и четири мажи, се на соодветен медицински третман“, рече Роули.

Новинската агенција Ројтерс јави дека веднаш дел од плоштадот кој се наоѓаво срцето на универзитетската област во Лондон бил опколен од полицијата.

Во Британија останува вториот највисок степен на опасност што подразбира дека се можни напади врз цивили.

Лондонската полиција вети дека ќе распореди повеќе вооружени припадници по серијата смртоносни напади во другите европски земји.

Британските безбедносни служи постојано предупредуваат дека милитантите на Исламската држава сакаат да извршуваат напади врз Британија, која е близок сојузник на Соединетите Држави.

Во неделата, шефот на Метрополитен полицијата во Лондон Бернард Хоган Хоу оцени дека прашањето е „кога, а не дали“ ќе се случи напад во главниот град на Британија.

Лондонската полиција соопшти дека ќе распореди дополнителни 600 вооружени полицајци во главниот град.

Роули претходно предупреди дека Исламската држава се обидува да радикализира лица со ментални здравствени проблеми за извршување напади.

Тој додаде дека, во некои операции, полициските командири добиваат совети од психолози.

Лондон беше погоден од координирани самоубиствени бомбашки напади на 7 јули 2005 година, кога четворица исламски екстремисти активираа експлозиви во три метро возови и во еден автобус, при што загинаа 52 лица.

Една од бомбите беше детонирана во воз меѓу метро станиците Кинг Крос и плоштадот Расел.

Од тогаш, беа осуетени десетици обиди за напад. Сепак во 2013 година во јужниот дел на Лондон на улица двајца екстремисти убија војник кој не бил на должност.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG