Достапни линкови

Азербејџан затвори медиум за интервју со Ѓулен


Азербејџанските власти затворија независна телевизија која планираше да емитува интервју со муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен, за кого турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тврди дека стои зад неуспешниот воен удар во земјата. Азербејџан и Турција имаат блиски односи, а Анкара го поддржува Баку во конфликтот со ерменските сепаратисти во отцепената област Нагорно-Карабах. Апелациониот суд во Азербејџан ѝ ја одзеде дозволата на телевизијата АНС, постапувајќи по тужбата поднесена од Националниот совет за телевизија и радио. Законот им дозволува на властите да затворат медиуми кои емитуваат екстремистичка содржина. „АНС зазеде позиција спротивна на стратешкото партнерство меѓу азербејџанскиот и турскиот народ со давањето поддршка на Фетула Ѓулен и неговите поддржувачи, кои ги организираа крвавите настани кои доведоа до бројни жртви“, наведува Националниот совет за телевизија и радио во денешното соопштение. Ердоган вели дека неговиот поранешен сојузник Ѓулен, кои има голем број приврзаници во Турција, дека стои зад неуспешниот воен удар од 15 јули. Ѓулен, кој живее во доброволен егзил во САД, ги негира обвинувањата.

XS
SM
MD
LG