Достапни линкови

logo-print

Власта и опозицијата сплотени за осветлувањето во Битола


Иницијативата да се склучи јавно-приватно партнерство за одржување на осветлувањето беше покрената пред четири години и токму кога извештајот требаше да се изгласа на Совет, советниците ја укинаа постапката.

Опозицијата и власта во Битола едногласно гласаа за прекинување на постапката за одржувањето на уличното осветлување да му се даде на приватник. Ова е еден од ретките проекти за кои постигнаа договор, но исто така редок случај за проект инициран од локалната власт пред четири години, да го укине токму истата партија на власт.

Одлуката да не се даде уличното јавно осветлување на приватник падна на седница на општинската Комисија за јавни дејности и во период кога битолскиот градоначалник Владимир Талески е во куќен притвор. Иницијативата да се склучи јавно-приватно партнерство за одржување на осветлувањето во Битола меѓу општината и приватник беше покрената пред четири години, во меѓувреме се изработи и тендерска документација и токму кога извештајот требаше да се изгласа на Совет, советниците ја укинаа постапката.

Од опозицијата проектот го критикуваа подолго време. Според нив, приватникот ќе требаше да биде обврзан да постави економични светилки и да заштеди електрична енергија за 60 проценти, а не беше намалена ставката со која годишно од општинскиот буџет се издвојуваа околу 60 милиони денари, пари собрани од граѓаните за одржувње на осветлувањето.

„Комисијата се состана и одлучи оваа постапка да се запре од повеќе причини, од застареноста на физибилити студијата, а и по наша барање за нетранспарентноста на водењето на целата постапка. Почетокот на овој тендер беше во 2012 година, а сега сме 2016-та, параметрите врз кои требаше да се води овој тендер значително се изменети во текот на овие години, цената на чинење на светилките и сите други пропратни елементи“, изјави советникотод СДСМ, Горан Козаров.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во изминатите четири години дел од светилките биле заменети од општината и незаконски е на идниот приватник да му се даваат пари од граѓаните за промени кои веќе се направени.

„Се работи за застарување на рокот на физибилити студијата за јавнио осветлување изработена во 2012 година и настанатата разлика на состојбите на терен. Во изминатите четири години се направени промени на состојбите. Постојат локации каде дополнително се поставени светилки, некаде старите се заменети со економични светилки од Општина Битола. Од тука крајно нелогично и незаконски е продолжување на процедурата за замена и поставување на светилки без претходно ажурирана физибилити студија“, изјави Илче Димовски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Во изминатиот период опозицијата исто така обвинуваше дека вработени административци од општината добивале закани од високи партиски функционери за да го продолжат проектот, но од власта беше демантирано. Од Општината само пред неколку недели соопштија дека проектот е развоен, зошто градот ќе добиел квалитетно осветлување, а Општината годишно ќе заштедела по 450 илјади евра.

Бидејќи е запрена постапката, одржувањето на јавното осветлување останува во надлежност на општината.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG