Достапни линкови

Неделниците за странскиот фактор и кризата


Неделниците го анализираат однесувањето на меѓународната заедница во решавањето на кризата. Го отвораат и прашањето за СЈО, изборите.

Глобус - Странскиот фактор и нашиот случај

Он-лајн магазинот Глобус во анализата насловена како „Забележлива еволуција кај странскиот фактор за нашиот клинички случај‟ изразува разочарување од однесувањето и на Вашингтон, односно на Нуланд, и на германскиот посредник Хајндл, во поглед на заложбите околу решавањето на политичката криза во земјава. „Од протагонист на исправната логика – прво критериуми па избори, меѓународниот фактор полека како да еволуираше во поддржувач на спротивното кредо – прво избори па промени‟ - констатира неделникот, па додава прашање дали имало ултиматум за да се прифати таа логика, пред сè упатен кон погрешниот фактор – кон СДСМ? И заклучува дека „со ова реално се прави најпрвин девастација на мисијата на Прибе!‟ За Германецот Хајндл авторот на анализата вели дека е „првото разочарување кај опозиционо настроените Македонци‟ зашто бил далеку по формат од еден „булдожер‟ како Холбрук, а станало јасно дека ниту имал такви амбиции. А посетата на Нуланд, според Глобус, се покажала „површна‟. „Дали ни се погодија слаби политмејкерите или тоа е наша судбина да имаме такви по 2006 година, со оглед на реалниот интерес за едно мало парченце земја кое нема ниту море, ниту се граничи со Русија и секогаш може да се остави – за после!‟ прашува Глобус, изразувајќи разочарување што СЈО, „кое беше ставено под меѓународно стаклено ѕвоно не доби некоја видлива посигурна потпора со формирање специјално судско одделение... за тоа не може да се најде никакво друго објаснување освен она дека некој таму во Вашингтон во меѓувреме го променил интересот или, пак, ги измешал брзините‟.

Фокус - есента клучна за правна завршница на кризата

Со слична интонација во врска со разочарувањето кај демократската јавност специјалното судско одделение да се формира дури по изборите е и текстот во Фокус, со таа разлика што неделникот, од свои дипломатски извори, дознава дека Нуланд имала и други важни, многу детални и остри пораки за судска завршница на криминалното досие на власта. Уште во насловот авторот на текстот најавува: „Острите пораки на Викторија Нуланд – Мандатот на Катица Јанева да не се ограничува, а специјалните судии да ги избира Врховниот суд‟. Па тврди дека есенските месеци се клучни за правната завршница на кризата. „Ќе следуваат и неколку нови истраги на СЈО, а конечно ќе бидат напишани и првите обвинителни акти. Освен тоа, сите објавени истраги ќе завршат со обвиненија, а во новите истраги се ‛Скопје 2014‛, пописот, случајот ‛Макпетрол‛ и уште многу други‟, тврди Фокус.

Република - Договор или ново бегство од избори?

„Договор или ново бегство од избори – Кому му одговара продолжување на кризата?‟ - искажува дилема и прашува Република, наведувајќи дека Македонија има сè помалку време за живеење во кризна состојба и дека државата, која од 24 декември 2014 година живее во перманентна криза и од 2006-та ниту една влада не успеала да истера четиригодишен мандат, мора да влезе во мирни води. „Колку и да се нелогични и контроверзни, колку и да се преседан во европски рамки договорите за избирачкиот список, за начинот на кој ќе се регулираат медиумите и за ингеренциите на министрите што ќе дојдат ‛на власт‛ 100 дена пред изборите, тие треба да се спроведат‟ - инсистира авторот. „Пропаѓањето на последниот договор меѓу партиите може да значи вовед во хаос од кој нема да има враќање‟ - смета Република, обвинувајќи ја СДСМ дека единствениот капацитет што го покажала како опозиција досега е да блокира и да предизвикува тензии.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG