Достапни линкови

Клинтон, Трамп и Балканот


Без разлика дали на претстојните претседателски избори во САД ќе победи Доналд Трамп или Хилари Клинтон, тие нема да ја сменат американската политика кон Балканот, кој не им е во фокусот.

Балканот нема да се врати во фокусот на американската надворешна политика во следните десет години, без разлика дали на претстојните претседателски избори во САД ќе победи Доналд Трамп или Хилари Клинтон, коментира професор Стево Пендаровски, откако по конвенцијата на Демократската партија сега познати се и двајцата претседателски кандидати.

Кога станува збор за односот кон Балканот, Пендаровски потенцира дека по прогласувањето на независноста на Косово во 2008 година, САД го повлекле своето „тешко оружје“ и сега во регионот тие во најголем дел се застапени преку Европската унија.

„Во оваа смисла сосема е сеедно дали претседател ќе биде едниот или другиот кандидат. Ниту еден од нив го нема во фокусот Балканот и така ќе остане“, вели Пендаровски.

Тој посочува дека постои мала разлика во однос на претходното политичко искуство кај двата кандидати.

„Хилари Клинтон беше и во мандатот на својот сопруг, а и подоцна на некој начин конектирана или поврзувана со регионот, во кој има и физички доаѓано, во еден два наврати, и го знае многу подобро од Трамп, кој генерално во надворешната политика е многу потенок, отколку Хилари Клинтон. Така што Хилари Клинтон ќе знае за каков тип на проблеми се работи, не само во Македонија, а Доналд Трамп допрва ќе треба да учи на таа тема“, вели Пендаровски.

Македонија во минатото не ја чувствуваше значително промената на претседателите на САД, бидејќи Соединетите Држави имаа константа во својата надворешна политика, но појавата на Доналд Трамп е новина на светската политичка сцена, вели професор Денко Малески.

„Имено, она што го забележував во настапите на Трамп, а исто така го забележува и светското демократско јавно мнение, е тоа изобилие на демагогија и многу невнимателност со употребата на зборовите. Тој често употребува говор на омраза кон други и омаловажување, наспроти Хилари Клинтон која е еден воздржан, умерен и пристоен политичар, и ако земеме предвид дека на Македонија и треба многу повеќе пристојност, умереност, точност и еден одговорен однос кон задачите кои стојат пред нас, а многу помалку демагогија и говор на омраза, јас се надевам дека Доналд Трамп нема да ги добие овие избори и дека идниот претседател на САД ќе биде Хилари Клинтон“, вели тој.

Инаку досега поголем дел од експертската јавност во Македонија сметаше дека Републиканската партија повеќе ја поддржува позицијата на Македонија на меѓународната политичка сцена. Бројките на последните анкети покажуваат дека Трамп води пред Клинтон за два процентни поена.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG