Достапни линкови

logo-print

Младите прилепчани не гледаат иднина во Македонија


Според анкетата на невладината организација ПАКТИС, две третини од младите прилепчани својата иднина ја гледаат надвор од Македонија, 16 отсто планираат да се преселат во Скопје, а само 15 отсто да останат во родниот град.

Андријана Дукоска од Прилеп е дипломиран професор по виолончело, но шест години не може да дојде до работно место. Таа ги загуби и надежите дека во догледно време ќе биде отворена класа за виолончело, зашто ветувањата за реални заложби на надлежните досега не се оствариле.

„Надлежните министерства за финансии и култура секоја година со исто образложение: Не е момент за отворање, ново работно место. Уште колку години треба да чекам за да го реализирам мојот најголем сон и уметнички предизвик“, вели Дукоска.

Според неа, младите мора да ја понесат и одговорноста за својата инертност од аспект на промена на веќе добро познатата востановена шема за вработување, по принципот ’партиска книшка и сигурна работа‘.

„Ретко, скоро никој млад човек не размислува да остане во Македонија. Се плашам дека младите, колку и да сакаат да ја постигнат својата цел, а тоа во најголема мера е подобрување на условите за вработување на адекватни работни места по професија, тука мислам на фактот што има селективно вработување, односно со партиски книшки, постојат повлијателни фактори кои ги спречуваат“, оценува Дукоска, посочувајќи на примери од своето опкружување со кои ја дели разочараноста од овој непродуктивен систем.

Многу млади прилепчани дури не гледаат иднина од овој клинч во кој што се затекнати не по своја вина, како што велат. Причините се бројни според нив: масовно отворање на високообразовни институции, кои создадоа суфицит и никако не соодветствуваат со пазарот на трудот, што пак создава нереална слика за состојбата со невработеноста.

„Дојдени сме во ситуација да партиската книшка е главен предуслов за вработување и со тоа директно се исклучува мерит системот. Во вакви услови стручните, професионални кадри неминовно гледаат излез надвор од Македонија, каде што ќе се вреднува нивниот труд, ќе можат да градат кариера, да напредуваат и најбитно за тоа ќе бидат добро платени, според заслугите“, вели Александар Џагадуроски од невладината организација „ПАКТИС“.

Според анкетата што електронски ја реализирала оваа невладина организација на репрезентативен примерок од 318 млади на возраст до 30 години, околу 69 отсто, својата иднина ја гледаат надвор од Македонија, 16 отсто планираат да мигрираат во македонската метропола, а само 15 отсто да останат во родниот град. За младите, вработувањето е најголема причина поради која би го напуштиле градот и државата.

На интернет страницата од Агенцијата за вработување тешко се доаѓа до објективна бројка на млади невработени граѓани во моментов. Според податоците од март годинава, на возраст до 24 до 34 години, работа барале 3123 млади. Од вкупно 31 доктори на науки во цела држава, само во Прилеп работа чекаат тројца.

Но, оваа не е реална слика за Прилеп, зашто семејните приказни секојдневно бележат масовно заминување во странство во потрага по работа и подобри услови за живот.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG