Достапни линкови

САД ја добија првата жена кандидат за претседател


Хилари Клинтон влезе во историјата со тоа што стана прва жена претседатлски кандидат во САД, момент за кој Демократите се надеваат дека ќе ја обедини нивната партија во трката до Белата куќа. Во исто време, во Соединетите Држави се зголемуваат сомневањата дека во овие претседателски избори се мешала и Русија.

На конвенцијата на американската Демократска партија и официјално Хилари Клинтон е номинирана за претседателски кандидат.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон ги повика демократите и американската јавност да гласаат за неговата сопруга Хилари во ноември, велејќи дека таа ќе направи САД да бидат посилна и подобра држава.

Во гласањето Хилари доби 2383 гласа од над 4700 делегати на конвенцијата која се одржува во Филаделфија.

Како што го надмина неопходниот праг за номинација, нејзиниот партиски ривал Берни Сандерс побара номинацијата на Клинтон да биде прифатена со акламација, односно да не продолжи натамошното поединечно гласање на делегатите. Тоа беше прифатено од нив.

Во исто време пред арената каде што се одрежува конвенцијата илјадници поддржувачи на Сандерс протестираа носејќи транспаренти „Нема правда, нема мир“ и извикувајќи „Ова ли е демократија?“

Ова дојде како реакција и на протекувањето на илјадници мејлови од Демократскиот национален комитет кои покажаа дека партиските лидери ја фаворизирале Хилари Клинтон на сметка на нејзиниот партиски ривал за претседателската кандидатура Берни Сандерс.

Федералното истражно биро веќе покрена истрага за оваа афера, а некои сметаат дека во ова е вмешана и Русија со цел да влијае во корист на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Во вторникот, американскиот претседател Барак Обама во интервју за Ен-Би-Си њуз изјави дека е можно Русија да стои зад големото протекување на мејлови од Демократската партија со цел да влијае врз претседателските избори.

„Се е можно. Знам дека експертите тоа им го препишуваат на Русите. Знам и дека Русите ги хакираат нашите системи, не само владините, туку и приватните“, рече тој.

Обама забележа дека Трамп постојано, како што рече, „изразува восхит спрема рускиот претседател Владимир Путин“ и оти сака потесно да соработува со Русија во решавањето на глобалните проблеми како борбата против групата Исламска држава.

„Ова го базирам врз она што го вели самиот Трамп и мислам дека Трамп доби добра покриеност во Русија“, изјави Обама.

Со веќе обезбедена кандидатура по партиската битка Хилари Клинтон веќе тргна во многу потешка борба за Белата куќа.

Таа, жестоко ја нападна надворешната политика на Трамп, особено неговите последни коменатри дека доколку стане претседател САД нема автоматски да ги бранат сојзниците во НАТО.

Како и да е, последните анкети покажуваат дека Трамп води пред Клинтон за два процентни поена.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG