Достапни линкови

logo-print

Балканска лига - најдоброто за фудбалот во регионот


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

УЕФА треба да го дефинира форматот на натпреварувањето за 12 тимови, најмногу од Србија и Хрватска, потоа од БиХ, Словенија, Црна Гора и Македонија, велат од ФФМ. Поранешниот селектор Ѓоре Јовановски вели дека Балканската лига е најдобрата работа за фудбалот во регионот.

Регионалната фудбалска лига за земјите од поранешна Југославија не е илузија, туку сериозен проект којшто е предвидено да почне во септември 2018 година, велат од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), откако деновиве беше објавено дека УЕФА ја разгледува иницијативата која допрва треба да биде одобрена.

Во следниот период УЕФА треба да го дефинира форматот на натпреварувањето за 12 тимови, најмногу од Србија и Хрватска, потоа од БиХ, Словенија, Црна Гора и Македонија, велат од ФФМ. Портпаролот на федерацијата, Златко Андоновски посочува дека има изгледни шанси за реализирање на идејата за Балканска лига за која голема заслуга има Македонија, и оти тоа ќе биде голем плус за клубовите во регионот коишто се соочуваат со мал број на гледачи во домашните првенства, а победникот директно ќе влезе во групната фаза на Лигата на шампионите.

„Што се однесува до проблемите, секако дека на прво место се става безбедносниот аспект. Но, ако тоа натпреварување е под покровителство на УЕФА, тоа значи дека таа ќе ги постави своите рамки и оттука нема мрдање за било која асоцијација. Тоа значи дека сите мора да се придржуваат кон точките коишто ги наметнува УЕФА, во спротивно се соочуваме со евентуално згаснување на натпреварувањето“, вели Андоновски

Низ балканските медиуми деновиве се појавија информации дека Хрватска и Словенија е можно да го откажат учеството. Но, сепак поранешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Ѓоре Јовановски смета дека постои реална основа за формирање на Балканската лига и оти тоа ќе биде најдобрата работа за фудбалот во регионот, и од фудбалски и од финансиски аспект.

„Не е исто да се игра пред 100 или 200 гледачи и да се игра пред 20, 30 или 50 илјади публика. Сите лиги што настанаа од пропаѓањето на Југославија се со разводнет квалитет, што е нормална работа. Во еден ваков проект ќе влезат многу спонзори и затоа мислам дека тој е реален. Недостатоците можат да се отстранат на многу лесен начин. Публиката и навивачите во Словенија, Македонија или другите земји сакаат да ги гледаат Црвена Звезда, Партизан, Динамо Загреб или било кој од поголемите клубови“, вели Јовановски.

Што се однесува до финансиите, претседателот на Фудбалската федерација на Србија, Славиша Кокеза изјави дека шампионот на Балканската лига ќе добие 2,5 милиони евра, а првите осум или девет тимови би заработиле по најмалку 700 илјади евра.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG