Достапни линкови

Спорните гласачи да се пријават лично или преку интернет


Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија

Архивска фотографија: Седница на Државната изборна комисија

Граѓаните кои се ставени на списокот на спорни гласачи, доколку сакаат да го задржат правото на глас, ќе мора да се пријават лично во ДИК или во нејзините подрачните одделенија или дополнителни канцеларии во општините или на интернет, преку сајтот на ДИК.

Државната изборна комисија денеска го објавува списокот со спорни 40 илјади гласачи кои ќе имаат рок да се пријават до 19 август доколку сакаат да го задржат своето право на глас. Најголем дел од овие гласачи не беа најдени во своите домови за време на теренските проверки кои беа спроведени за изборите што требаше да се одржат на 5 јуни.

Освен на интернет, списокот со спорните 40 илјади гласачи ќе биде доставен и до подрачните канцеларии на Државната изборна комисија во речиси сите градови, како и во дополнителните канцеларии на ДИК во уште 18 општини, како и во месните канцеларии на Министерството за правда – Управа за водење на матични книги. На спорните гласачи исто така им се испратени писма на адресите наведени во избирачкиот список со кои се повикуваат да се пријават.

Граѓаните кои се ставени на списокот на спорни гласачи, доколку сакаат да го задржат правото на глас, ќе мора да се пријават лично во ДИК или во нејзините подрачните одделенија или дополнителни канцеларии во општините. Пријавувањето ќе се врши до 19 август, секој ден од 8:30 до 19 часот. При пријавувањето, граѓаните ќе мора да носат важечка лична карта или пасош.

Тие исто така ќе може да се пријават и преку интернет, односно преку посебна апликација поставена на интернет страната на Државната изборна комисија. Освен пополнувањето на бараните податоци, граѓаните ќе мора да прикачат и скениран или фотографиран важечки пасош или лична карта, на кој ќе мора да може јасно да се прочитаат личните податоци, адресата и важноста на документот.

Професор Темелко Ристески вели дека ова нема да го реши проблемот со избирачкиот список.

„Формално-правно и тоа е некакво решение. На граѓаните им е дадено право да се пријават, оние што може да се пријават, оние што постојат и ќе го искористат тоа право. Ако не се пријават, нема да бидат во избирачкиот список и нема да гласаат. Очигледно се оди кон тоа да се најде некаков формален начин да се реши проблемот, а не и да се утврди фактичката состојба“, вели Ристески.

Четирите политички партии исто така имаат право да назначат набљудувачи на секое место каде што граѓаните ќе може да се пријавуваат. Тие не смеат да се мешаат во процесот, а забелешките може да ги достават до ДИК.

На посебен извод на Избирачкиот список, пак, ќе се стават 171.500 гласачи за кои се претпоставува дека подолг рок живеат во странство, но нивното гласачко право не е оспорено.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG