Достапни линкови

Од денеска до 19 август пријавување на спорните гласачи


На веб-страницата на Државната изборна комисија денеска ќе бидат објавени имињата на 39.502-та гласачи кои се сметаат за спорни во избирачкиот список. Тие ќе имаат рок од 25 дена да се запишат на списокот на гласачи, а пријавувањето ќе биде електронски преку специјална апликација на веб страницата на ДИК или лично во подрачните единица на ДИК и во канцелариите на Управата за водење на матични книги. ДИК ќе објави јавен повик за пријавување на гласачите во земјава, а преку Министерството за надворешни работи повикот ќе биде објавен и во дипломатско конзуларните претставништва. До спорните гласачи ќе биде испратено и писмо преку кое ќе се информираат за потребата од пријавување. Заклучно со 19 август, пријавувањето ќе може да се врши секој ден во периодот од 8:30 до 19 часот. По истек на овој рок, ДИК ќе има на располагање 10 дена за да направи дополнителни контроли или лично да контактира со спорните гласачи. Ако не се пријават во предвидениот рок спорните гласачи нема да бидат запишани во избирачкиот список, но ќе добијат можност тоа да го направат за време на јавниот увид на списокот пред парламентарните избори.

XS
SM
MD
LG