Достапни линкови

logo-print

Партиите ја прифатија неопходноста од СЈО


Овој договор меѓу политичките партии е уште една потврда на четирите најголеми партии во Македонија дека има потреба од СЈО и дека тоа ќе постои независно каков став ќе заземе Уставниот суд, вели професор Шкариќ.

Најзначајниот дел од договорот меѓу власта и опозицијата за излез од кризата за експертите е каква ќе биде судбината на СЈО каде што треба да се случи разрешница на кризата.

Во случај Уставниот суд да одлучи дека дел од законот или целиот закон на СЈО е неуставен, четирите политички партии треба да се заложат за усогласување на законот со одлуката на Судот и повторно воспоставување на СЈО во рок од 5 дена.

Професорот по уставно право Светомир Шкариќ не верува дека Уставниот суд ќе поништи одредени одредби. Но тој вели дека ако Уставниот суд укине одредени одредби од законот, СЈО продолжува да работи, а во меѓувреме Собранието треба да донесе закон за дополнување на овој закон, со кој би се отстранила евентуалната неуставност.

„Тоа е решение изведено по нужда, бидејќи постои опасност или постои можност Уставниот суд да укине одредени делови од законот за СЈО, а можеби и целиот закон, бидејќи тука нема за Уставниот суд никакви ограничувања да постапи исто како што постапи во врска со законот за помилување. Но овој договор меѓу политичките партии е уште една потврда на четирите најголеми партии во Македонија дека има потреба од СЈО и дека тоа ќе постои независно каков став ќе заземе Уставниот суд“, вели Шкариќ.

Од СДСМ не очекуваат дека Уставниот суд ќе го укине законот за СЈО во целост, а доколку претрпе некакви измени, во рок од пет дена постојната законска рамка ќе биде усогласена.

Според експертите од исклучителна важност за обезбедување услови за фер и демократски избори е и министерот за внатрешни работи да работи со полн капацитет. Во делот на кадровските промени по завршување на мандатот на Пржинската влада, министерот за внатрешни работи ќе биде Албанец, тоа ќе биде заменик министерот во Министерството за внатрешни работи во периодот се до изборот на новата влада.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека решението е апсурдно. Тој исто така нагласува дека МВР е институција која има многу допирни точки со изборниот процес и оти не е логично со таква институција да раководи министер кој има лимитирани надлежности.

„Имаме проблеми со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тие носат најголема одговорност за кризата. Треба да си остане министерот тој е гарант тие што сакаат да прават нерегуларности дека ќе одговараат пред лицето на правдата. Ако знаат тие дека денеска завршуваат изборите од утре дека повторно они се на власт нема да има превентивна улога министерот што би требало да ја има“, вели Трајанов.

Од СДСМ сметаат дека нема опасност периодот по изборите да се искористи да се заштитат тие што евентуално ќе учествуваат во нерегуларностите на изборите, бидејќи министерот на СДСМ ќе остане на функцијата се додека има изборни активности и додека ДИК ги објави официјалните резултати.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG