Достапни линкови

logo-print

Илијевска – Малото девојче во светот на големите очекувања


„Малото девојче во светот со големи очекувања за човекот“ е насловена четвртата самостојна изложба на Валентина Илијевска, што од 21 јули до 4 август, се одржува во галеријата на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Постановката содржи 25 колажи во кои уметницата гласно прашува: Луѓе кога ќе научиме како да бидеме и станеме Човек?

Нецели четири месеци откако насловот на изложбата и плакатот беа „провокативни“ и „недолични“ за општина „Карпош“ го исполни „ветувањето и се појави како организатор на седумдневната постановка (да го помогне печатењето на каталогот и да биде присутна на чинот на отворањето?!) во Кинотека на Македонија“, уметницата Валентина Илијевска со „Малото девојче во светот со големи очекувања за човекот“ еве ја во своето Куманово. Изложбата до 4 август ќе се одвива во галеријата на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и нуди 25 колажи кои се обидуваат да ја појаснат Роденовата максима која вели дека „за да бидеш уметник, првин треба да бидеш човек“. Всушност, делата само ја следат нејзината потрага по човековите вредности бележита и за двете претходни постановки - „Humanitas Dignitas“ од февруари 2012 во МКЦ – Скопје и „За вредностите“, две години подоцна во Куманово.

„Ние изгубивме контакт со самата природа. Од таму и мојата порака, апел, за да ние се вратиме на она природното. На она исконското во нас. На човечкото што го имаме во нас“, вели Илијевска.

Таа дополнува дека брзото темпо на живеење, самата технологија, до толку не има вовлечено во машината што ја изгубивме врската со човечноста. Дека ги изгубивме спокојството и мирот и дека не остана простор да си се посветиме самите на себе, на семејството, пријателите... На она што нè задоволува и нè прави среќни. Истакнува дека гледаме брзо-брзо да постигнеме некоја цел која во суштина е материјална.

Од таму, како што вели, и замислата за една ваква фотографија како насловница за изложбата. Таа е креирана како пандан на Пиета од Микеланџело каде што Богородица го оплакува Христос.

„Јас тука го оплакувам она човечкото. Навидум сум гола, но исконското, човечкото во мене, она што сите го имаме во себе, бара да излезе на површина, да застане, да се исправи на пиедестал. И затоа сум таму како чисто човечко битие, без гардероба, слободно, неизвалкано... И го барам човекот. Човекот од пластика како симбол на времето во кое живееме. Време на импланти, силикони“, вели таа.

Од друга страна, уметницата појаснува дека во ликовните дела од постановката таа дава акцент на линијата, на движењето, на цртежот. Дека на тој начин се обидува не само да проговори за „лесното задоволување на уметничкиот порив“, туку и уште еднаш да упати апел за воздигнување на духовното над материјалното.

Говорејќи за делата, Илијевска ќе рече дека колажите ги поставила на медијапан не сакајќи тие да бидат на платно затоа што тоа не е сликарски материјал, туку само подлога за самите бои – без разлика дали се тие маслени, акрилни или темпера.

„Колажот го земам како медиум којшто е поврзан со сликарството и со самата графика. Бидејќи јас по вокација сум графичар, предност ѝ давам на хартијата. Ги комбинирам квалитетите на хартијата и продуктот го внесувам во сликарството преку бојата. Дали тоа ќе биде преку моливот, температа, зависи од тоа како ќе ме понесе сензибилитетот. Плус оние пробни графички листови, помалку или повеќе успешни, ги сецирам и колажирам во самите дела“, вели уметницата.

Инаку, Валентина Илијевска зад себе имаше навистина плоден неколкумесечен творечки период. По завршувањето на изложбата во Скопје, таа најнапред присуствувала на колонија во Трансилванија – Романија, а потем заминала и во Полска за да се врати дома непосредно пред отворањето на актуелната постановка. Видно задоволна од таквиот след на настаните, уметницата знае да каже дека таквите професионални средби се од огромно значење и дека нејзе и ја враќаат самодовербата.

„Не ми е важно кога како на жена некои знаат да ми речат „е добро е, супер си, убаво изгледаш, атрактивна си, добри ти се делава“. Да, тоа јас го знам до тука. Но, што е она што ми недостига. Дајте ми критика. Што е она што треба да го потенцирам или да го одземам. Или нешто слично. Поубаво е кога ќе ми речат „е ова дело јас го гледам на тој начин или ова допре до мене и ме потсети јас да се надоврзам на твојата идеја“, вели таа.

Во овој контекст ја истакнува и скорешната средба со колешката Петра Јовановска, со која најверојатно наскоро ќе започнат со подготовката на заедничкото претставување пред домашната ликовна јавност.

Кон ова само уште информацијата дека Валентина Илијевска во 2014 година стана магистер по Конзервација и реставрација на ѕидно сликарство (ангажирана е на проектите за конзервација и реставрација на живописот од зографот Крсте Р. Колоски во црквата Свети Никола во Куманово и оној во црквата Свети Ѓорѓија во Струга), а досега е добитник на неколку значајни признанија за своето творештво од кои посебно за издвојување се наградата за сликарство „Константин Мазев-Коце“ (КИЦ Скопје) и наградата за минијатура во рамките на изложбата на ДЛУМ МиниАРТура (НЛБ Тутунска Банка - Скопје).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG